Во Македонија во моментов се регистрирани 14 фитофармацевтски производи што го содржат глифосатот како активна супстанца, а десет од нив имаат одобрение за употреба во лозовите насади. Според Фитосанитарната управа, регистрацијата на ваквите препарати е можна само доколку тие претходно се одобрени во некоја земја-членка на Европската Унија.
„Увозникот поднесува барање со кое доставува повеќе пропратни документи меѓу кои и дозвола за регистрација на тој производ во ЕУ земја членка и досие кое содржи проценка на ризикот по здравјето на луѓето и животната средина, безбедносни листови, упатство за употреба, етикета… Барањето потоа се разгледува од страна на стручна комисија во која членуваат и национални експерти од повеќе области како што се, фитомедицина (фитопатологија, ентомологија, хербологија), токсикологија, хемија и други и доколку се исполнети сите законски услови кои произлегуваат од Законот за фитофармација кој воедно е хармонизиран со релевантното ЕУ законодавство од областа на фитофармацевтските производи, истиот се одобрува за пласирање на пазар и употреба во државата. При регистрацијата на фитосанитарните производи во Македонија се прифаќа во целост ЕУ дозволата, вклучително и упатството за употреба во кое се наведени строги правила на употреба“, велат од Фитосанитарната управа.
Според Фитосанитарната управа, Македонија не спроведува сопствени научни анализи при регистрацијата и обновувањето на регистрацијата на препаратите што содржат глифосат.
„Во Македонија не се врши одобрување на активни супстанци што вклучува и проценка на ризик, односно се врши само регистрација на фитофармацевтски производи кои ја содржат оваа активна супстанца. Одобрување на активните супстанци вклучува и проценка на ризик по здравјето на луѓето, животните и животната средина и во ЕУ не се врши од страна на земјите членки, истото се врши од страна на Европската агенција за безбедност на храна (ЕФСА), а регистрацијата се врши од страна на земјите членки. При регистрација и обновување на регистрација на препаратите не се врши проценка на ризик во Македонија, но се врши врз основа на проценката на ризик извршена од страна на Европската Унија“, објаснуваат од Фитосантиарната управа.
Во моментов глифосатот е одобрен за употреба во Европската Унија до 2033 година. Во Македонија се регистрирани вкупно 14 хербициди што ја содржат активната супстанца глифосат, меѓу кои се наоѓаат и производи како, Раундап ултра плус (Roundup Ultra Plus), Галуп биогрејд (Gallup Biograde), Тачдаун систем 4 (Touchdown System 4), Глифоган екстра (Glyphogan еxtra)…Од нив 10 се одобрени за употреба во виновата лоза.
„Производите кои содржат глифосат се употребуваат како хербицид, за сузбивање на едногодишни и повеќегодишни теснолисни и широколисни плевели. Но во нивната примена постојат повеќе ограничувања и забрани во согласност со ЕУ правилата, дозволено е да се аплицира најмногу два пати годишно на иста површина, да не се употребува во период кога се очекува мраз, апликација од воздух не е дозволена, забрана за пристап на домашни животни на третираните површини, да се спречи распрскување на производот на соседните култури, не смее да се употребува во карстни подрачја, како и на лесни песокливи, скелетни и сите останати типови на почва, кај кој е зголемен ризикот за продирање во подземните води, забранета е примена на површини со наклон, склони на ерозија, поради нанос и акумулација на остатоци во долните слоеви и можното загадување на површинските води во подножјето на падината, мора да се почитуваат зоните на безбедност од површинските води, мерејќи од работ на крајбрежјето, кои изнесуваат најмалку еден метар, да не се аплицира на ветровито време, остатоците од средството и смесата за апликација не смеат да се испуштаат во површинските води, канализација, дворски и шталски одводи, машината и опремата за апликација и прскалките треба да се мијат на поле, на места каде средството не може да допре до површинските води и каде нема опасност за луѓето и животните“, децидни се од Фитосанитарната управа.
МКД.мк го отвори прашањето за употреба на глифосатот во лозарството и пишуваше за искуствата со употребата на оваа отровна супстанца.
Дали современото земјоделство ја плаќа својата цена со здравјето на луѓето, е прашање на кое одговор бара и Французинката Флер Брето која лани од галеријата на француското Национално собрание ги обвини пратениците, порака која одекна низ цела Европа, дека тие се сојузници на ракот, и дека таа ќе се погрижи сите да го дознаат тоа. Со тоа, Флер Брето, жена со две дијагнози на рак стана симбол на отпорот против хемикалиите во земјоделството.
Според Националниот институт за рак, Франција денес е меѓу земјите со највисока стапка на заболени од рак во Европа. Бројот на нови случаи од 1990 година речиси се удвоил и достигнал повеќе од 433.000 новодијагностицирани пациенти во 2023 година. Секоја година рак се дијагностицира и кај 1.700 до 2.000 деца помлади од 15 години, како и кај стотици адолесценти.
За да се заштитат лозовите насади од болести, штетници и плевели, лозарите секоја година користат различни препарати, фунгициди против габични заболувања, инсектициди против штетници и хербициди за уништување на тревата и плевелите. Пестицидите, фунгицидите и хербицидите се составен дел од современото лозарство, но употребата на глифосатот сè повеќе ја отвора дебатата за можните последици врз здравјето на луѓето и животната средина. Дел од македонските винарии веќе се откажуваат од неговата употреба.
Меѓу нив е и винаријата Попова кула. Сопственикот на винаријата, Јордан Трајков, вели дека во нивните лозови насади повеќе не се користи глифосат и дека одлуката е донесена поради определбата за поодржливо и поодговорно производство.
„Лично сум убеден дека долгорочната изложеност на вакви препарати има удел во зголемениот број малигни заболувања, не само во Тиквешкиот регион, туку и во целата држава. Токму поради тоа, пред неколку години одлучивме да преминеме на органско производство и целосно да се откажеме од употребата на овие препарати. Наместо тревата во лозјата да ја уништуваме со глифосат, ние ја косиме механички“, вели Трајков.
Од Управата нагласуваат дека македонското законодавство во областа на фитофармацевтските производи и безбедноста на храната е усогласено со европското што значи дека секоја нова одлука на Европската комисија или нова научна оценка на ЕФСА автоматски влијае и врз режимот на употреба на глифосатот во Македонија.
„Националното законодавство во однос на безбедност на храна е усогласено со соодветното ЕУ законодавство и во однос на максималното дозволено ниво на резидуи од фитофармацевтски производи во храната, што вклучува и резидуи од активната супстанца глифосат. Сите промени во ЕУ се веднаш применливи во нашата држава“, велат од Фитосанитарната управа.
Во однос на контролите, Фитосанитарната управа наведува дека секоја увозна пратка со фитофармацевтски производи прво поминува низ инспекциска контрола на граничните премини. Доколку не се исполнети условите од Законот за фитофармација, пратките се враќаат во земјата на потекло.
„Како што е случај и со останатите фитофармацевстки производи доколку не се достави нова дозвола од ЕУ земја членка, во соодветен рок, министерството ги повлекува соодевтните одобренија. Доколку станува збор за регистрација, а производот не ги исполнува законските обврски од Законот за фитофармација барањето за регистрација на производите се одбива“, велат од Управата.
Оттаму додаваат дека покрај тоа, Министерството за земјоделство од 2013 година спроведува редовни мониторинг-програми за употребата на фитофармацевтските производи и за присуството на нивни остатоци во земјоделските производи.
„Во рамки на реализација на овие годишни програми предвидено е земање на примероци од фитофармацевтски производи со цел да се провери сообразноста на истите, а активнаста супстанца беше опфатена во годишните Мониторинг програми во 2020, 2024 и 2025 година. Сите анализирани примероци беа во согласност со законските одредби“, уверуваат од Фитосанитарната управа.
Преку индивудуалните искуства на производители, МКД.мк веќе пишуваше за подигање на јавната свест за еколошко производство во Преспанскиот регион.
„Кога зборуваме за пестициди и третирање на овошјето и зеленчукот, секој препарат има одредена каренца (временски период што мора да помине од последното прскање на растението со пестицид, до моментот кога производот смее безбедно да се јаде), период што може да трае три, седум, 15 или 20 дена, во зависност од самиот препарат. Ние најчесто користиме препарати од Европа, но и органски препарати што ги има и во Македонија и во Србија. Тоа е гаранцијата што ние ја даваме“, ни објасни Александар Димовски при нашата посета на селото Арвати, кој со своето семејство произведуваат вино и храна.
Ана Лабор пак, со своето семејство живее и работи на земјиште старо повеќе од 100 години. Таа и нејзината сестра се петта генерација сопственици што се занимаваат со производство на јаболка веќе 60 години. Ана ни раскажа дека зад секое јаболко стои цела година работа и дека секој плод зависи од секоја правилна одлука. Денес, како петта генерација, Ана се обидува да го спои традиционалното производство со современите еколошки стандарди.
За прскање, Ана не користи хербициди и акарициди (хемиски средства што се користат во земјоделството за заштита на посевите и насадите).
„Наместо со хербициди, тревата ја отстрануваме со фрезирање, бидејќи прскањето ја загадува почвата. Не користиме ниту акарициди против пајаци. Она што го користиме се фунгициди против болести и инсектициди против вошки и црви, бидејќи тие најмногу му штетат на јаболкото. Се трудам да користам пестициди и инсектициди со каренца од 10 до 15 дена, за во моментот кога јаболката ќе стигнат до потрошувачите, производот да биде безбеден за употреба. Така гарантираме за нивниот квалитет“, ни објасни Ана.
И.О.






