Иницијативата е поднесена од Адвокатското друштво „Менкиноски“, преку адвокатите Тони Менкиноски и Сања Трајановска Ташков, кои ги оспоруваат член 30 став 6, член 31 ставовите 1, 2 и 3, член 32 ставовите 2 и 5, член 47 став 3 и член 52 став 3 од Законот за заштита и благосостојба на животните.
Во иницијативата се наведува дека според домашното законодавство животните имаат статус на ствари и се предмет на правото на сопственост, поради што еутаназијата или колењето претставуваат најдрастична форма на престанок на тоа право.
Подносителите сметаат дека е незаконски и неуставно Агенцијата за храна и ветеринарство да може да донесе одлука за еутаназија, на пример на опасно куче кое нападнало човек и не може да се ресоцијализира, или поради контрола на болести, без претходна судска одлука.
Според нив, со ваквото законско решение се исклучува судската контрола во ситуации кога настапуваат ненадоместливи последици, поради што тврдат дека се повредуваат уставно загарантираното право на сопственост, начелото на пропорционалност, правото на ефикасен правен лек и начелото на поделба на власта.





