„Присуството на НОМАГАС на состанокот ја отвора можноста националниот гасен систем навремено да се вклучи во регионалното планирање на инфраструктурата и прекуграничните капацитети. Во разговорите учествуваа DESFA од Грција, Bulgartransgaz од Бугарија, Transgaz од Романија, Vestmoldtransgaz од Молдавија, FGSZ од Унгарија, EUSTREAM од Словачка и GTSOU од Украина, како и независните оператори Gastrade и ICGB. Компаниите беа претставени од нивните извршни директори и високи раководители.
Во следната фаза ќе се разгледуваат расположливите капацитети на поврзаните системи, точките на интерконекција, планираните инфраструктурни проекти и роковите за нивна реализација. За таа цел, учесниците се договорија да формираат заедничка техничка и комерцијална работна група, која ќе ја координира техничката процена на проширувањето и ќе ја подготви измената и проширувањето на Меморандумот за разбирање. Овој чекор создава основа процесот да премине од координација кон конкретна подготовка за реализација.
‘Учеството на НОМАГАС во разговорите во рамките на Вертикалниот коридор е важен чекор кон вклучување на Северна Македонија во пошироката регионална енергетска мрежа. За нас ова значи навремена координација на развојот на домашниот систем со интерконекторите кон Грција и Србија и создавање услови за пристап до повеќе извори и повеќе правци на снабдување. Проширувањето на Коридорот дополнително го зголемува значењето на националните инфраструктурни проекти за сигурноста, стабилноста и флексибилноста на снабдувањето со природен гас’, изјави Недим Рама, извршен директор на НОМАГАС АД Скопје.
Вертикалниот коридор се развива во интегрирана регионална платформа за енергетска соработка, а не претставува еден посебен гасовод. Тој ги поврзува постојните и новите национални системи, интерконектори, терминали и прекугранични точки, со цел да се зајакнат сигурноста на снабдувањето, диверзификацијата на изворите и транспортните правци, отпорноста на енергетската инфраструктура и интеграцијата на пазарите на гас во Југоисточна и Централна Европа, вклучително и во Западен Балкан.
На дел од состанокот присуствуваа и министерот за животна средина и енергетика на Грција, Ставрос Папаставру, и министерката за енергетика на Република Бугарија, Ива Петрова. Тие ја изразија својата политичка поддршка за иницијативата и го поздравија вклучувањето на Северна Македонија и на Србија во регионалната енергетска архитектура што се создава.
За Северна Македонија, проширувањето на Вертикалниот коридор е непосредно поврзано со развојот на интерконекторот со Грција и со подготовките за интерконекторот со Србија. Овие проекти треба да овозможат поврзување со поширок круг извори, снабдувачи и транспортни правци и да ја намалат зависноста од една влезна точка.
Операторите ја потврдија својата посветеност да продолжат со тесна координација на техничко и оперативно ниво, со цел проширувањето на Вертикалниот коридор да се реализира навремено и да се зајакне неговата улога како сигурна и конкурентна енергетска артерија за Југоисточна и Централна Европа и за Западен Балкан“, соопшти НОМАГАС.





