Пауновиќ во саботата за телевизија Курир изјави дека таа „етнички би го исчистила Косово“ во 1998 година доколку била на местото на Слободан Милошевиќ, поранешниот југословенски претседател обвинет пред Хашкиот трибунал.
Таа прецизираше дека Албанците не би ги „ликвидирала, онака како што тие се обидуваат до денес етнички да го исчистат Косово, туку на начин така што секој што се чувствува помалку како жител на Сојузна Република Југославија, би ја напуштил државата и би заминал во својата матична земја“.
Свечља оцени дека со оваа изјава Пауновиќ го потврдила „она од што Србија никогаш не се откажала – проектот за етничко чистење на Албанците“.
„Ваквиот говор и ваквите изопачени стремежи не се ништо ново. Тие претставуваат продолжение на државната политика која со децении произведува насилство, злосторства и обиди за истребување на Албанците од нивните огништа“, напиша тој на Фејсбук.
Тој додаде дека „континуираната омраза, изразена со заканувачки тон“ кон Косово е неприфатлива и дека мора „најостро да биде санкционирана од демократските држави и општества кои го штитат мирот, човековите права и не толерираат реторика и однесување што поттикнува омраза, дестабилизација и повторување на злосторничките политики од минатото“.
Изјавата на Пауновиќ ја осуди и портпаролката на Европската Унија, Анита Хипер, која оцени дека таа е „спротивна на вредностите на човечкото достоинство, помирувањето, одговорноста и добрососедските односи врз кои се темели ЕУ“.
Пауновиќ подоцна, во соопштение од 14 јули, наведе дека не се откажува од политиката на Социјалистичката партија на Србија, чија членка е од 1992 година.
Студентите во блокада, Движењето на слободни граѓани и Партијата Србија Центар (СРЦЕ) ја осудија нејзината изјава и повикаа на политичка одговорност.





