вторник, 14 јули 2026

Зеленски ја менува владата по само една година

Заминувањето на премиерката Јулија Свириденко отвора прашање кој ќе ја води воената економија и подготовките за зимата.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Украинскиот парламент денеска ја прифати оставката на премиерката Јулија Свириденко, која се повлече по само една година на функцијата, по барање на претседателот Володимир Зеленски, во рамките на реконструкцијата на владата за која тој понуди малку објаснувања.

Предлогот за прифаќање на оставката на 40-годишната економистка беше усвоен во парламентот, иако некои пратеници изразија незадоволство поради толку ненадејната промена.

„Секој ден од оваа година бараше тешки одлуки и решителни постапки. Исклучително сум благодарна за довербата и поддршката што ги добив. Исто така знаете дека отсекогаш сум верувала дека резултатите се најважни“, рече Свириденко во своето проштално обраќање.

Свириденко беше именувана за премиерка пред една година, неколку месеци откако во јавноста изби голем корупциски скандал во кој беа вмешани високи функционери. Оттогаш критичарите ја обвинуваа дека не презела доволно решителни чекори за расчистување на состојбите во власта.

Зеленски изјави дека Украина ја менува политичката стратегија и дека се потребни нови луѓе, но освен тоа не понуди многу објаснувања за уште едната промена на владата.

Јарослав Железњак, пратеник од опозициската партија Глас, го исмеа работењето на владата во заминување.

„Ни ветуваа резултати секој ден. Владата го исполни тоа ветување: презентации секој ден, прес-конференции секој ден, а секој ден имавме и по еден нов осомничен во некој корупциски случај“, рече Железњак.

Заминувањето на Свириденко автоматски значи оставка на целата влада. Пратениците како најверојатен наследник го спомнуваат Серхиј Корецки, директор на државната нафтена и гасна компанија „Нафтогас“.

Меѓу другите можни кандидати се и нејзиниот претходник Денис Шмихаљ, кој сега е министер за енергетика, како и министерот за одбрана Михајло Федоров.

Украина во последните месеци се обидува да стекне предност во војната што трае повеќе од четири години, изведувајќи напади со долг дострел врз руската енергетска инфраструктура и логистички цели.

Премиерот главно е задолжен за внатрешната политика, одржувањето на воената економија и санирањето на штетите предизвикани од континуираните руски напади врз украинската цивилна инфраструктура.

Свириденко изјави дека подготовките за зимата ќе бидат главниот предизвик за новата влада, бидејќи се очекува Русија да ги засили нападите врз украинската електроенергетска мрежа и гасниот систем.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ