Фајненшл тајмс потсетува дека Србија е кандидат за членство во ЕУ од 2012 година, но дека процесот на пристапување е во застој 13 години, во кој период Александар Вучиќ беше клучен политички арбитер на разни државни позиции.
Весникот додава дека Вучиќ, кого противниците го обвинуваат дека е корумпиран автократ, се соочува со најголемиот предизвик во својата политичка кариера по уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад во 2024 година, кога загинаа 16 лица, предизвикувајќи повеќе од 20 месеци антивладини протести.
За да ги смири критичарите, тој вети дека ќе распише предвремени избори оваа година, а минатиот месец објави дека ќе поднесе оставка од функцијата претседател на Републиката, во голема мера церемонијална позиција од која ја извршуваше политичката моќ, благодарение на неговото влијание во владејачката партија.
Вучиќ за „Фајненшл тајмс“ изјави дека има намера да го исполни тоа ветување, пред, најверојатно, да се врати на премиерската функција, која ја напушти пред десет години.
„Најверојатно прво ќе имаме парламентарни избори, а потоа и претседателски избори… Парламентарните избори ќе се одржат до почетокот на декември… Нема простор за поинакви одлуки“, рече Вучиќ.
Во интервју објавено денес во билтенот на Фајненшл тајмс насловено како „Големата експлозија“, Вучиќ, исто така, го повика Брисел да се откаже од пристапот кон проширувањето што е сè повеќе базиран на заслуги, според кој Црна Гора и Албанија во моментов се водечки кандидати, и наместо тоа да ги примат земјите од Западен Балкан заедно.
„Што сакате да изградите? Уште поцврсти граници помеѓу сите?“, праша тој.
„Ако сите влеземе заедно… нема да има граници меѓу Приштина, Белград и сите други… Регионот треба да биде обединет. Не да стане нова зона на конфликт меѓу луѓето што влегуваат во ЕУ и оние што се уште далеку од тоа“, додаде тој.
Фајненшл тајмс наведува дека овие изјави доаѓаат пред денешните состаноци во Брисел, каде што Црна Гора и Албанија ќе затворат поглавја во нивните пристапни преговори со ЕУ, а Украина и Молдавија ќе отворат по еден кластер.
Ирскиот министер за европски прашања, Томас Бирн, рече дека денешниот напредок „е сигнал до сите земји кандидатки дека ако го завршат својот дел од работата, ќе бидат наградени“.
„Процесот е реален… Црна Гора помина повеќе од половина од пристапниот процес… и се надеваме дека ова темпо ќе продолжи“, додаде Бирн.
Фајненшл тајмс додава дека пристапувањето на Србија „долго време е попречено од долготрајниот спор со нејзината поранешна покраина Косово, како и од загриженоста за владеењето на правото и корупцијата“.
Вучиќ рече дека „владата работи на закони против корупцијата и сè друго“.





