понеделник, 13 јули 2026

Нова студија за поезијата на Кочо Рацин од Марија Ѓорѓиева-Димова

Во издание на Паблишер пристигна „Рацин(е!)“ – впечатлива студија од професорката Марија Ѓорѓиева-Димова, која претставува значаен придонес кон рационологијата.

Објавено на

часот

Сподели

„Студијата ‘Рацин(е)!’ на Марија Ѓорѓиева-Димова, без сомнение, претставува едно впечатливо, оригинално, теориски и илустративно цврсто засновано толкување на поезијата на Кочо Рацин во контекст на неговото и на нашето време, од поетичка, но и од културолошка и од историска перспектива“, пишува акад. Катица Ќулавкова во рецензијата.

Според Ќулавкова, новата збирка студии на Ѓорѓиева-Димова, интегрирани во една целина, претставува дијалог од историска и од теориска дистанца со книжевната оставина на Рацин.

Во воведниот збор за книгата, авторката Ѓорѓиева-Димова ја истакнува важноста за интерпретативното навраќање кон Рационовото дело, посочувајќи дека секое носи со себе етичка и педагошка функција за секоја следна (нова/млада) генерација читатели, на која треба критички и толкувачки да им се доближи корпус којшто е доминиран со референцијалните фокуси врз контекстите во кои бил создаван. Освен тоа, со секое повторно читање треба да се посочат универзалноста и безвременоста на неговите тематски преокупации.

„Но истовремено, навраќањето кон Рациновото дело претставува и потсетување и промислување на контекстите во коишто се одвивала нашата национална и културна еволуција“, пишува професорката на почетокот на студијата.

Марија Ѓорѓиева-Димова e редовен професор на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. Авторка е на монографиите: Модели на интертекстуалност во романот (2003), Метатекстови (2008), Интенција и интерпретација (2011), Повторната средба на Клио и Калиопа (2012), Меанадрите на книжевноста (2015), Толкувачки визури (2016), Теоријата на книжевност во (интер)акција (2017), Интерпретограми (2020), Интердискурзивните дијалози на книжевноста (2021), Книжевни каталози (2023), Ако романот е пропуштена  историја (2025).

Книгата може да се најде во сите книжарници на Издавачки центар ТРИ и онлајн на kniga.mk.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ