понеделник, 13 јули 2026

ЕУ купува рекордни количества гас од Русија

Европа увезе рекордни количества течен природен гас (ТПГ) од руската фабрика Јамал ТПГ во првата половина од 2026 година, само неколку месеци пред да стапи во сила забраната на Европската Унија за негов увоз. Според податоците на аналитичката компанија Кплер, увозот од фабриката, со која управува руски Новатек, достигнал 9,89 милиони тони, што е за 18 отсто повеќе во споредба со истиот период лани, објави Фајненшл тајмс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Податоците ја нагласуваат клучната улога што Европа и понатаму ја има во одржувањето на работата на водечката руска фабрика за течен природен гас, додека војната на Москва против Украина влегува во петтата година. Според процените на невладината организација Ургевалд, Европа за овие испораки платила околу шест милијарди евра.

Најголеми европски купувачи во првата половина од 2026 година биле Франција, Белгија и Шпанија, кои од Јамал увезле 3,6 милиони, 2,9 милиони, односно 2,7 милиони тони гас.

Активистот за санкции во Ургевалд, Себастијан Ретерс, овие бројки ги оцени како „алармантни“, особено затоа што, како што рече, „не се случуваат во вакуум“, туку во период на засилени руски напади врз украинската енергетска инфраструктура и цивилни цели.

Според важечките правила на Европската Унија, забрането е купување руски течен природен гас преку краткорочни договори, што значи дека за секоја пратка од Јамал наменета за Европа е потребна потврда од царинските власти на земјата-увозничка дека продажбата е извршена врз основа на долгорочен договор.

Целосната забрана за увоз на руски течен природен гас во Европската Унија преку долгорочни договори стапува во сила на 1 јануари 2027 година, што ќе ја принуди Русија да бара алтернативни пазари. Забраната за увоз на руски гас што се транспортира преку гасоводи ќе следува подоцна истата година.

Подготвеноста на Европа досега да ги прифаќа пратките од Јамал беше клучна за овој проект на рускиот Арктик, кој зависи од мала флота специјализирани танкери од класата Арк7, способни да пловат низ мраз. Капацитетот на испорака на фабриката во голема мера зависи од брзиот прием на овие бродови во европските пристаништа, додека алтернативната рута преку Северниот морски пат кон Азија е поризична и значително подолга.

Додека Европа во првата половина од годинава увезла повеќе течен природен гас од Јамал, испораките кон Азија се намалиле за 74 отсто, на нешто повеќе од 510.000 тони.

Намалените испораки кон Азија делумно се објаснуваат со претпазливоста на некои меѓународни бродски, осигурителни и финансиски компании поради можната изложеност на санкциите на Европската Унија, наведуваат извори запознаени со ситуацијата.

Танкерите за пловидба низ мраз што го превезуваат гасот од Јамал и понатаму во голема мера зависат од европските бродоградилишта за поправки, вклучително и услугите што ги обезбедуваат бродоградилиштето на Дамен во француски Брест и Фајард во Данска.

„Проектот Јамал ТПГ зависи од мала, специјализирана флота, европските пристаништа и од европските услуги за да може извозот да продолжи. Европа и понатаму ги обезбедува сите три“, изјави Ретерс од Ургевалд.

Проектот Јамал, кој рускиот претседател Владимир Путин свечено го отвори во 2017 година, останува најголемиот руски производител на течен природен гас, со проектиран годишен капацитет од 17,4 милиони тони, иако реалното производство често го надминува тоа ниво. Покрај мнозинскиот сопственик Новатек, удел во проектот имаат француски Тотал енерџис и кинески ЦНПЦ.

Во февруари, главниот извршен директор на Тотал енерџис, Патрик Пујане, изјави дека компанијата, која има долгорочни договори за извоз од Јамал, би можела да биде принудена целосно да го запре не само извозот во Европската Унија, туку и своето учество во самиот проект. Како причина ги наведе „нејаснотиите“ во најавената забрана на Европската Унија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ