понеделник, 13 јули 2026

Тајната операција зад преселбата на најпознатата средновековна таписерија во светот (ВИДЕО)

По повеќе од 900 години поминати во Франција, прочуената Бајеуска таписерија, едно од највредните и најкревки уметнички дела од средниот век, пристигна во Лондон по строго тајна операција што траела со години, пишува Нешнел џиографик.

Фото: Википедија

Објавено на

часот

Сподели

Таписеријата, долга околу 68 метри, го прикажува норманското освојување на Англија во 1066 година и се смета за едно од најзначајните историски сведоштва во Европа. Иако често се нарекува таписерија, всушност станува збор за вез изработен со обоена волна на ленено платно.

Нејзиното пренесување во Британскиот музеј било организирано во целосна тајност. Камионот тргнал од северна Франција, поминал низ тунелот под Ла Манш и пристигнал во Лондон нешто пред 3 часот по полноќ. Веста за транспортот ја откри францускиот претседател Емануел Макрон само неколку часа пред пристигнувањето.

Вредноста на осигурувањето на товарот, според извештаите, надминувала една милијарда долари. Таписеријата била сместена во специјално дизајниран повеќеслоен систем од заштитни кутии со амортизери, а ја превезувал климатизиран камион што ги намалува вибрациите и постојано ја контролира температурата и влажноста. Пред вистинскиот транспорт биле изведени две генерални проби со идентична реплика и сензори што ги мереле сите можни влијанија врз товарот.

Пренесувањето било овозможено дури откако музејот во францускиот град Баје започнал двегодишно реновирање. Велика Британија повеќе од еден век безуспешно се обидуваше да ја добие таписеријата на заем, но Франција редовно одбиваше, наведувајќи дека делото е премногу старо и чувствително за транспорт.

И покрај тоа што голем број француски конзерватори и познатиот британски уметник Дејвид Хокни јавно се спротивставија на позајмувањето, оценувајќи го како непотребен ризик, властите сепак ја реализираа одлуката.

За подготовката на таписеријата биле ангажирани околу 90 конзерватори, инженери и обучени соработници, кои седум часа синхронизирано ја ваделе од изложбениот простор без да ја оштетат. Наместо да биде виткана, како што се правело во минатото, таа била внимателно преклопена во специјален подвижен систем составен од 28 панели.

Историјата покажува дека ова не е првпат Бајеуската таписерија да биде изложена на опасност. За време на Француската револуција за малку ќе била искористена како прекривка за воен вагон, подоцна постоел предлог да биде исечена на парчиња за украсување свечена поворка, а во Втората светска војна нацистите неколкупати ја преместувале и планирале да ја однесат во Германија.

По пристигнувањето во Лондон, француски и британски конзерватори ќе спроведат детална двонеделна проверка на секој сантиметар од ткаенината за да утврдат дали транспортот предизвикал какви било промени. Дури потоа таписеријата ќе биде поставена во специјално изработена изложбена витрина долга околу 70 метри.

Изложбата во Британскиот музеј ќе биде отворена од 10 септември, а интересот е огромен – музејот веќе објави дека продажбата на билети поставила нов рекорд, при што во еден момент посетителите чекале и до девет часа во виртуелен ред.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ