Незаборавната фестивалска вечер, исполнета со емоции, аплаузи и извонредни музички изведби, уште еднаш покажа дека „Охридско лето“ останува еден од најзначајните културни настани во регионот.
На сцената на Античкиот театар блеснаа светски познатата сопранистка Ермонела Јахо и прочуениот американски тенор Чарлс Кастроново, кои со своите маестрални интерпретации ја воодушевија публиката. Придружувани од оркестарот на Националната опера и балет, под диригентската палка на италијанскиот маестро Марко Боеми, тие приредија вечер за паметење, исполнета со најубавите арии и дуети од богатата оперска литература.

Со извонредната вокална техника, силната емоција и сценската харизма, уметниците беа наградени со долготрајни овации и бурни аплаузи, а воодушевената публика ги враќаше на сцената со повеќекратни бисови, претворајќи го свеченото отворање на фестивалот во вистински музички спектакл кој долго ќе се памети.
„Ова беше вечер што ќе остане запаметена. Горди сме што фестивалот го отворивме со врвни светски уметници и спектакуларна оперска гала вечер која донесе незаборавни емоции и силен почеток на 66. фестивалско издание“, вели директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.

Фестивалот за отворен го прогласи покровителот, претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова која потсети дека пред шеесет и шест години, под сводовите на Света Софија, оперската дива Ана Липша-Тофовиќ ги отпеала првите фестивалски тонови, означувајќи го почетокот на „Охридско лето“ коешто сè уште живее.

„Оттогаш до денес, многу генерации уживале во привилегијата да се дружат со врвни музички и театарски личности, познати, обожавани и посакувани на најпознатите уметнички сцени, како исклучителни творци на високи духовни дострели. „Охридско лето“ помни, симболизира и бележи долга и богата меморија и историја, просветителска и просветлувачка мисија, новоотворени музички и театарски хоризонти, космополитизам, меѓудржавно, меѓунационално, интеркултурно и меѓучовечко разбирање, срушени предрасуди и научени лекции, културна дипломатија и универзален уметнички јазик“, рече Сиљановска-Давкова.

Обраќајќи се на отворањето на фестивалот, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, истакна дека токму во Охрид, историјата, природата и духот живеат во тивка, возвишена хармонија. Според него, секој камен, секој бран на езерото, секоја нота што ќе одекне од фестивалот, сведочи дека цивилизациите не се препознаваат по моќта, туку, како што кажа, по убавината што ја оставаат зад себе.
„Охридско лето никогаш не било само обичен фестивал. Тоа е жива потврда дека Македонија отсекогаш знаела дека културата не е луксуз за добри времиња, туку предуслов за достоинствено постоење. Не за да нè затвори во нас самите, туку за да нè отвори кон другите без да престанеме да бидеме свои“, рече Љутков.

Уметничката порака на фестивалот „Охридско лето“ годинава ја испрати истакнатиот македонски уметник, оперски првенец со раскошен глас и впечатлива сценска харизма, Игор Дурловски. Според него, малите земји имаат посебна улога во културата на светот. Тие, како што рече, не ја црпат нивната сила од големината на територијата или бројот на жители, туку од приказните што ги чуваат, од искуствата што ги преживеале, од начинот на кој можат да придонесат кон големиот разговор на човештвото.
„Македонија е земја со длабока историска меморија, земја низ која минувале различни култури, јазици и цивилизации. Најголемата вредност на тоа наследство е во минатото што го паметиме, сегашноста што ја живееме и во иднината што можеме да ја создадеме. Нашата задача е да му кажеме на светот кои сме и да му понудиме нешто што може да го споделиме со сите: нов поглед, ново прашање, нов простор за средба. И затоа, овде, во Охрид, во градот каде што вековите разговараат меѓусебе, посакувам уметноста да продолжи да биде нашата најубава порака до светот. Порака дека човекот сè уште има потреба од убавина, од смисла и од надеж“, рече оперскиот пејач Дурловски.
Публиката во текот на 40-те фестивалски дена што следуваат ќе има можност да проследи богата и разновидна програма составена од врвни музички, драмски и балетски остварувања, бројни концерти на реномирани солисти и ансамбли од Европа и светот, како и премиери на театарски претстави од домашни и странски продукции. Фестивалот оваа година содржи вкупно 48 настани, со учество на повеќе од 700 уметници од 24 земји од Европа и светот, што дополнително ја потврдува неговата меѓународната димензија и позиција на светската културната мапа.
На фестивалските сцени низ Охрид ќе продефилираат светски афирмирани уметници како пијанистот Александер Мелников, виолинистот Стефан Миленковиќ, пијанистката Исата Кане-Мејсон, како и истакнатиот пијанист Вадим Холоденко. Фестивалската публика ќе има можност да ужива и во настапите на бројни камерни ансамбли и оркестри од Европа и светот, како и престижната регионална Загребска филхармонија под диригентската палка на Давид Рунц, која доаѓа во полн состав со 70 изведувачи на сцена.





