недела, 12 јули 2026

Претседателката се фати на оро на Галичка свадба, на младенците им посака многу љубов

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска беше дел од најпознатата македонска свадбена манифестација, „Галичка свадба“, каде по венчавањето им се придружи на младенците и свадбарите во традиционалното галичко оро. На младенците им подари галичка пафта, според неа, симбол на плодноста и на богатото македонско свадбено наследство.

Објавено на

часот

Сподели

„Им посакав заедничкиот живот да им биде исполнет со љубов, доверба и меѓусебна почит, а домот со разбирање и детска смеа“, напиша претседателката на Фејсбук.

Во духот на вековната традиција, претседателката беше пречекана со домашна нафора и сол од најмладите галичани, по што проследи дел од свадбарските обичаи што со генерации се пренесуваат низ мијачкиот крај.

На овогодинешните младенци, Мартина Михајлова и Александар Пендароски, Сиљановска-Давкова им го честиташе бракот и како покровителка на манифестацијата им подари галичка пафта со мотив од традиционалната галичка носија.

Таа оцени дека „Галичка свадба“ останува еден од најпрепознатливите симболи на македонскиот културен идентитет и привлекува сѐ повеќе посетители од земјата и од странство.

Манифестацијата започна на 10 јули со поставување на свадбарскиот бајрак и традиционалното фрлање три пушки од куќата на зетот, со што беше означен почетокот на свадбените свечености.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ