Благодарение на брзата интервенција на екипите на противпожарните екипи, огнот е локализиран и изгаснат, со што е спречено негово проширување кон останатиот дел од објектот.
Невнимание при рутинска промена на масло во една од фритезите го предизвикало пожарот во скопскиот локал Бејкинг бред. Од локалот велат дека штетата е мала и дека очекуваат повторно да работат за неколку дена.
„Штетата е мала и очекуваме за неколку дена повторно да бидеме отворени“, соопштија од Бејкинг бред.
Од локалот посочуваат дека благодарение на брзата реакција на вработените и на навремената интервенција на Противпожарната бригада биле избегнати поголеми последици. Според нив, никој не бил повреден.
Во објавата реагираат и на тврдењата што се појавија на социјалните мрежи и на дел од порталите.
„Сакаме јасно да кажеме дека Бејкинг бред нема да побара ниту еден денар од осигурителна компанија. Штетата е мала и ќе ја санираме сами“, порачаа од локалот.
На крајот од објавата упатија благодарност до граѓаните за поддршката и до припадниците на Противпожарната бригада за брзата интервенција.
Пожарот избувна синоќа во локалот на улицата „Димитрие Чуповски“, кај „Рекорд“, во центарот на Скопје. Противпожарните екипи брзо го локализираа и го изгаснаа огнот. Полицијата го обезбедуваше местото на настанот.





