недела, 12 јули 2026

Вечерва концерт „Неочекувани поврзувања: Класичната музика и светот на тангото“ на „Скопско лето“

Камерниот концерт насловен „Неочекувани поврзувања: Класичната музика и светот на тангото“ на ФЕЈМС Институтот ќе се одржи денеска во Музејот на македонската борба за самостојност, соопшти Дирекцијата за култура и уметност на Скопје.

Објавено на

часот

Сподели

Ова е втор концерт на јулската концертна серија на ФЕЈМС Институтот и ќе се одвива под водство на реномираните уметници Веско Ешкенази и Стојан Караиванов, со учество на пијанистката Викторија Бојанова.

Веско Ешкенази е концертмајстор на Concertgebouw Orchestra од јануари 2000 година, а претходно бил концертмајстор и на Netherlands Chamber Orchestra и Netherlands Philharmonic Orchestra. Добитник е на награди од престижните натпревари „Wieniawski“ (Полска, 1985) и „Carl Flesch“ (Лондон, 1988), а настапувал со оркестри како Royal Philharmonic Orchestra и London Philharmonic Orchestra, под диригентско водство на имиња како Yuri Bashmet, Colin Davis, Carlo Maria Giulini, Kurt Masur и Seiji Ozawa.

Стојан Караиванов е првиот бугарски бандонеонист на класичен аргентински систем. Настапувал на значајни фестивали како „European Music Festival“, „Sofia Music Weeks“ и „Apollonia Arts Festival“, како и на бројни меѓународни фестивали во Австрија, Швајцарија, Германија, Русија, Италија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Кипар.

Од Моцарт и Менделсон до танго нуево на Пјацола, програмата ја истражува трансформацијата на музичкиот израз низ класичната музика, тангото и филмските звучни светови. Преку богат и разновиден репертоар, публиката е поканета на патување кое ги открива врските помеѓу традицијата и иновацијата, истакнувајќи ја моќта на ритамот, бојата и раскажувањето низ различните музички жанрови.

Овој концерт е завршен настан на шестдневната едукативна програма на ФЕЈМС Институтот, во рамки на која млади професионални класични музичари од цела Европа престојуваат во Скопје и, под менторство на Веско Ешкенази и Стојан Караиванов, работат на избраниот репертоар во професионално опкружување, а потоа го изведуваат на сцена, применувајќи ги новостекнатите уметнички и технички знаења.

ФЕЈМС Институтот, основан во 2021 година, во рамки на светски познатиот FAME’S Project, кофинансиран од Европската Унија преку програмата Креативна Европа и Министерството за култура на Македонија, им овозможува на млади класични музичари од Европа да учествуваат на мастер класови и професионални студиски снимања. Институтот ја поврзува класичната обука со современи индустриски практики, вклучувајќи оркестарски снимања и крос-жанровска соработка. До денес, повеќе од 450 студенти од 31 земја учествувале во нашите целосно финансирани програми.

Филмска проекција, мултимедијален музичко-поетски перформанс и камерен концерт се на програмата на 47. издание на фестивалот „Скопско лето“ викендов.

Во рамки на програмата „Кинотека на Скопско лето“, денеска со почеток во 20:15 часот во Кинотеката на Македонија ќе биде прикажан филмот „Хај Фај“ во режија на Владимир Блажевски.

Во 20:30 часот во Музејот на град Скопје, ќе се одржи мултимедијалниот музичко-поетски перформанс „Културна кауза“, проект на македонскиот музичар и продуцент Никола Стојковски (ФИН Проект) и неговите соработници. Во изведбата учествуваат актерите Арна Шијак и Игор Трпчески, пијанистката Билјана Петровска и вокалната интерпретаторка Орхидеја Дукова.

Публиката ќе има можност премиерно да го проследи проектот „Смирна“, дело во кое духовноста е централниот мотив. Авторската музика на Стојковски и Петровска е надополнета со вокални изведби и рецитирање поезија од истакнати македонски автори и современи поети.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ