сабота, 11 јули 2026

Груевски: Обвиненијата за становите беа политички монтирани, процесот беше организиран од Заев

Никола Груевски повторно реагираше по повод, како што наведува, медиумските објави дека на продажба се станови кои наводно биле во негова сопственост, тврдејќи дека никогаш не поседувал такви недвижности и дека станува збор за, како што оценува, политички мотивиран судски процес организиран од поранешниот премиер Зоран Заев.

Објавено на

часот

Сподели

Во објава на социјалните мрежи, Груевски наведува дека обвинителството, според него, не успеало да докаже ниту дека платил за становите и земјиштето, ниту дека тие биле во негова сопственост, ниту пак било каква финансиска поврзаност со нив.

Тој тврди дека во текот на судската постапка не бил презентиран ниту еден материјален доказ, како договор, потпис, трансакција, сопственост или потекло на средства, кој би го поврзал со спорните недвижности.

Во објавата, Груевски изнесува и сериозни обвинувања на адреса на поранешното Специјално јавно обвинителство, наведувајќи дека бизнисменот Јордан Камчев бил изложен на притисоци и уцени за да даде исказ против него. Според Груевски, Камчев две години ја застапувал истата верзија на настаните, а пред завршницата на процесот, под закана со високи затворски казни за него, неговата мајка и близок соработник, ја променил изјавата.

Тој ја обвинува тогашната обвинителка Лиле Стефанова дека, по налог на Заев, вршела притисок врз Камчев, а наведува и дека сведочењето на Мето Стојчевски не било поткрепено со докази, додека Сашо Мијалков, според него, во судница ги негирал тврдењата дека имал каква било улога во случајот.

Груевски оценува дека тогашните судии биле под силен политички притисок, поради што, како што наведува, биле донесени пресуди без материјални докази, а воедно посочува дека аудио снимките кои се појавија во јавноста, според него, укажувале дека Камчев првично тврдeл оти тој нема никаква поврзаност со предметните станови и земјиште.

Во продолжение на објавата, Груевски изнесува нови обвинувања кон Заев, тврдејќи дека поранешниот премиер стекнал значителен имот во странство, како и дека не сносел одговорност за, како што наведува, „злоделата против Македонија и Македонците“.

Тој се осврнува и на обвинителката Лиле Стефанова, за која наведува дека по заминувањето на тогашната власт била унапредена во Јавното обвинителство, оценувајќи дека тоа претставувало награда за нејзината улога во, како што тврди, политичкиот прогон.

На крајот, Груевски потсетува и на неодамнешните јавни обвинувања на бизнисменот Томе Главчев, кој тврдеше дека бил уценуван за поткуп од еден милион евра, посочувајќи дека во тој случај биле споменати имињата на Лиле Стефанова, Катица Јанева и обвинителот Рустеми. Според Груевски, случајот сè уште нема судска разрешница.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ