Фондот за осигурување на депозити во Македонија наплатува годишна премија од 0,25% од вкупните депозити на физичките лица во секоја банка, филијала на странска банка и штедилница (законски максимум 0,7%). Депозитите на физичките лица се осигурени до 30.000 евра во денарска противвредност по депонент, по банка.
Премијата формално ја плаќаат банките. Меѓутоа, банките се профитни институции и трошоците што ги имаат обично ги вградуваат во цената на своите услуги. Тоа се одразува преку: пониски каматни стапки на депозитите; повисоки каматни стапки на кредитите; повисоки провизии и надоместоци и пониски дивиденди за акционерите.
Во официјална проекција од финансискиот план за 2026 година Фондот проектирал дека на 31 декември осигурените депозити ќе изнесуваат околу 442 милијарди денари; а средствата на Фондот ќе достигнат околу 24,1 милијарди денари, што претставува 5,46% од осигурените депозити.
Банкарските експерти прашуваат: Зошто Управниот одбор на фондот не ја намали стапката за плаќање на премија, на пример од 0,25% на 0,10%) или да го зголеми износот на гарантирани депозити, на пример од 30 на 100 илјади евра.
„За институција која управува со повеќе десетици милијарди денари јавен интерес, би било корисно да се објавуваат и показатели како што се тековниот target ratio (средства на Фондот / осигурени депозити), вкупниот износ на осигурени депозити на секој квартал, движењето на средствата на Фондот низ времето, јасен приказ дали е достигнат законскиот праг од 4% и како тоа влијае врз премијата“, велат експертите.
Во многу европски земји, ваквите индикатори се објавуваат редовно и овозможуваат јавноста полесно да оцени дали фондот е доволно капитализиран.
„Механизмот, односно шемата изгледа вака: премија → средства во Фондот → вложување во државни обврзници → приход за државниот долг → можен пренос на дел од трошоците кон клиентите на банките. Банките плаќаат премија во Фондот за осигурување на депозити. Тоа е трошок за банките, а дел од тој трошок може да се пренесе врз клиентите преку камати и провизии. Фондот ги инвестира своите средства во сигурни инструменти, најчесто државни хартии од вредност. Со тоа државата добива купувач за дел од својот долг, а Фондот остварува принос кој ја зголемува неговата стабилност. Каматата што ја добива Фондот од државните обврзници не е директно финансирање од граѓаните, туку приход од инвестирање на резервите. Тие средства постојат токму за да може Фондот да исплати депоненти ако некоја банка пропадне. Но дали индиректно се финансираат граѓаните“, прашуваат експертите.
Бидејќи Фондот за осигурување на депозити, собраните средства ги инвестира исклучиво во државни обврзници, според експертите се поставува следното прашање: „Ако Фондот акумулира средства над нивото потребно за покривање на ризикот, а истовремено продолжува да наплатува премија, тогаш може да се создаде ситуација во која банките и нивните клиенти сносат дополнителен трошок, додека државата има корист од побарувачката за своите обврзници. Дали е тоа во случајот на Македонија во овој момент?“





