недела, 12 јули 2026

Костовски до обвинителката Коларевиќ: Ми го крадете животот што не сте ми го дале

Бизнисменот Трифун Костовски јавно ја нападна обвинителката Катерина Коларевиќ, која покрена обвинение против него во случајот за Еуростандард банка.

Објавено на

часот

Сподели

„Пет и пол години пребарувате, испитувате, анализирате и се обидувате да пронајдете криминал и перење пари – пишува Костовски на Фејсбук. – Но, не најдовте факти за сторен криминал. Не најдовте перење пари. И што направивте на крајот? Најдовте начин да ме гоните за наводна несовесност“.

Кога фактите не се доволни за обвинение, системот, очигледно, бара друг изговор, тврди Костовски и се обраќа директно до Коларевиќ:

„Затоа отворено Ве прашувам, кому му служите?

Дали постапувате исклучиво според законот и доказите или под притисок на центри на моќ кои сакаат моето име, мојот углед и мојот живот да бидат уништени?

Верував во Вас. Верував дека функцијата јавен обвинител подразбира независност, совест и храброст. Но, според она што го гледам, моќта на сивата еминенција е голема, а Вие безрезервно ѝ давате поддршка. Затоа сметам дека најчесно би било да си заминете од функцијата јавен обвинител. Само така би можеле од себе да ја тргнете дамката на сомнежот дека наместо на правдата, сте му служеле на нечии туѓи интереси.

Ми крадете од животот што не сте ми го дале…“

Бизнисменот објаснува дека ова е извадок од неговата колумна под наслов „Јуда живее во Македонија“.

Трифун Костовски во својата најнова колумна упати сериозни обвинувања кон институциите поврзани со стечајот на Еуростандард банка, оценувајќи дека по одлуката на Јавното обвинителство сфатил оти, како што наведува, станува збор за „системски обид за негово уништување“.

Костовски тврди дека Народната банка донела неразумна и неоправдана одлука банката да биде однесена во стечај, иако, според него, постоеле инструменти и можности за нејзино спасување. Тој поставува прашања во чиј интерес била донесена таквата одлука и кој имал интерес Еуростандард банка да престане да постои.

Во колумната наведува дека, според неговото уверување, зад целиот процес стојат центри на моќ, а посебно се осврнува и на работата на стечајниот управник, поставувајќи прашање дали тој ја поседува потребната лиценца и стручна квалификација за водење стечајна постапка над банка.

Костовски нагласува дека банките не се обични трговски друштва и дека стечајната постапка над банка се разликува од стечајот на другите правни субјекти, бидејќи станува збор за институции кои управуваат со средствата и довербата на илјадници граѓани.

Во завршниот дел од колумната тој најавува дека започнува, како што ја нарекува, „отворената битка“ со институциите и поединците за кои смета дека се обидуваат да го понижат, замолчат и уништат. Истакнува дека ќе ги искористи сите законски и демократски механизми за, како што наведува, вистината да излезе на виделина и порачува дека нема да молчи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ