понеделник, 13 јули 2026
Критики од јавноста

Полицаец со продолжена рака го „издаде“ МВР дека користи ВИ, фотографијата беше објавена, па избришана

Министерството за внатрешни работи денеска се најде на удар на критики откако на својата официјална фејсбук-страница објави фотографија генерирана со вештачка интелигенција, без притоа да ја означи како таква.

Објавено на

часот

Сподели

Фотографијата беше објавена како илустрација на информација за спасување планинар на Матка. Иако на прв поглед изгледаше реалистично, корисниците на социјалните мрежи брзо забележаа очигледна грешка – раката на еден од полицајците беше неприродно издолжена, што е една од честите аномалии кај сликите создадени со вештачка интелигенција.

По реакциите во јавноста, МВР ја повлече спорната фотографија и ја замени со друга.

Ова, сепак, не е изолиран случај. Министерството веќе извесен период користи фотографии генерирани со вештачка интелигенција за илустрирање на своите објави на социјалните мрежи, но досега ниту една не беше јасно означена како ВИ-содржина, иако станува збор за слики кои не претставуваат реални фотографии.

Дополнително, денеска на друга објава за спасување планинари на Шар Планина беше објавена уште една фотографија која, иако нема видливи технички грешки, според визуелните карактеристики очигледно е генерирана со вештачка интелигенција. И таа фотографија останува необележана, без информација до јавноста дека не е автентична.

Случајот отвора прашања за транспарентноста при користење на содржини создадени со вештачка интелигенција од страна на државните институции, особено кога тие се објавуваат како илустрација на реални настани без јасна ознака дека не се автентични фотографии.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ