Во видеото таа раскажа дека со години живее во страв заедно со својата мајка, баба и брат со церебрална парализа. Тврди дека нејзиниот татко, кој има проблем со алкохолизам и, како што наведува, дијагностицирани психички нарушувања, постојано им се заканувал, а последниот инцидент бил најстрашниот – закана дека ќе ја убие сопругата.
И покрај сериозноста на ситуацијата, семејството, според нејзините тврдења, подолго време не успевало да обезбеди негово згрижување во психијатриска установа. Иако бил пренесен на психијатриското одделение во Кумановската болница, таму им било кажано дека може да остане само 48 часа. Во Бардовци, како што тврди семејството, немало место, а и другите установи не го прифатиле.
Прашањето што останува е што ќе се случеше ако Меланија не решеше јавно да проговори.
Доколку нејзиното видео не се проширеше на социјалните мрежи и не привлечеше огромно внимание, дали институциите ќе реагираа? Дали човекот ќе беше пуштен дома, во куќата во која, според сведочењето на неговата ќерка, сите живеат во постојан страв?
Само неколку часа по јавниот апел, случајот доби сосема поинаков тек.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека лицето се спроведува во Психијатриската болница во Демир Хисар.
„Ве информираме дека Секторот за внатрешни работи Куманово е запознаен со случајот и интензивно се работи на негово расчистување. По консултација со Основното јавно обвинителство и други надлежни институции ќе бидат преземени конкретни мерки против П.Ц. од Куманово. Лицето се спроведува во Психијатриската болница Демир Хисар, а по претходно добиено решение од Основниот суд Куманово“, соопштија од МВР.
Од институцијата, сепак, не одговорија колку долго лицето ќе остане хоспитализирано, ниту каков ќе биде понатамошниот третман.
Она што е неспорно е дека одлуката човекот да не биде пуштен дома беше донесена дури откако случајот стана јавен.
Со години, вели Меланија, семејството барало помош. Нејзиниот татко и претходно бил хоспитализиран – во 2019 година во психијатриска установа во Скопје, а потоа и во Психијатриската болница „Бардовци“. Но, секој нареден обид повторно да биде примен, според нејзините тврдења, завршувал без успех.
Во своето обраќање таа не ја криеше беспомошноста.
Рече дека не бара сожалување, туку институциите конечно да си ја завршат работата пред да се случи непоправливо. Предупреди дека не сака утре да стане уште една црна хроника за која сите ќе прашуваат зошто никој не реагирал навреме.
Нејзиниот случај повторно го отвори прашањето дали системот реагира само кога јавноста ќе изврши притисок.
Затоа што, ако едно видео на Инстаграм успеа за неколку часа да го придвижи она што со денови не можеле да го направат семејството, лекарите и институциите, тогаш останува дилемата колку други семејства во тишина ја водат истата битка – без камера, без јавност и без некој да ги слушне нивните повици за помош.
Останува и најважното прашање: дали случајот ќе добиеше ваква разврска ако Меланија не собраше храброст јавно да проговори?
Според досегашниот тек на настаните, впечатокот е дека токму нејзиниот јавен апел беше пресудниот момент што ги натера институциите да реагираат.
Утре институциите детално треба да дадат одговори за овој случај.





