понеделник, 13 јули 2026

Последен обид опозицијата да се согласи со измените во Изборниот законик

Левица за денеска најави средба на опозициските парламентарни партии во обид два дена пред рокот да се направи обид да се постигне консензус за Изборниот законик. Од СДСМ вчера соопштија дека е ова „веќе видено сценарио во кое сателитските партии на Мицкоски се обидуваат да ја вовлечат опозицијата во неговата валкана игра“. ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека ќе ги прифатат сите предлози на опозицијата само да остане правото електронски или по пошта да гласа и дијаспората.

Објавено на

часот

Сподели

„Нашата цел не е уште една политичка средба без исход, туку сериозен обид опозицијата да застане зад најголемата демократска реформа на изборниот систем – една изборна единица. Доколку постои добра волја, понеделник може да биде почеток на процес што конечно ќе ја воспостави еднаквоста на секој глас. Левица ќе направи сѐ за да се изгради заедничка позиција околу една изборна единица“, соопштија од Левица.

Од ВМРО-ДПМНЕ не отстапуваат од ставот. „Нека седнат и нека се договорат, а ние тоа ќе го прифатиме. Доколку не го направат тоа, одговорноста да не се донесе нов Изборен законик ќе биде на СДСМ, Левица и ДУИ“, изјави Валентин Манасиевски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

За СДСМ предлотот на ВМРО-ДПМНЕ да гласа и дијаспората е механизам за кражба. „Дијаспората гласа и сега, а она што Мицкоски го предлага е механизам за кражба и токму тој обид СДСМ се обидува да го спречи“, изјави вчера Богданка Кузеска, портпарол на СДСМ. Таа повтори дека се инсистира на ова поради намерата на власта да распише предвремени парламентарни избори кон крајот на оваа или на почетокот на следната година. Владејачкото мнозинство, пак, демантира.

„Таа одлука не зависи од нас, иако ние сме секогаш подготвени. Дали е момент за предвремени избори? Сметам дека е момент за работа за граѓаните да почувствуваат уште бенефит од оваа власт“, изјави  Максим Димитриевски, претседател на ЗНАМ. Од ЗНАМ поддржуваат една изборна единица и електронско гласање на дијаспората, но не и на локални избори.

Вчера попладнето СДСМ испрати ново соопштение. „Ние веќе ги дадовме нашите јасни и конкретни предлози во Собранието. Нема потреба од нови предлози. Нашите предлози се јасни: гарантираат фер и транспарентни избори и спречуваат можност за изборна кражба, особено на гласовите од дијаспората. Сè друго е претстава. Ова е класичен обид на Мицкоски, преку своите сателити, да создаде привид дека опозицијата ја блокира реформата на Изборниот законик. СДСМ нема да учествува во оваа претстава. Нема да му бидеме алиби на Мицкоски. Нема да се собираме за да му правиме услуга во неговата кампања за предвремени избори. Единственото што Мицкоски треба да го направи е да се откаже од законот со кој сака да ги намести изборите и да ја украде волјата на граѓаните“, соопшти вчера попладнето СДСМ.

Денеска е краен рок да се постигне консензус за да може законот да се донесе во среда.

 

 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ