понеделник, 13 јули 2026

Најмалку 27 мртви во пожар во бар во Бангкок (ФОТО+ВИДЕО)

Најмалку 27 лица загинаа, а осум се во критична состојба откако пожар зафати бар во популарниот кварт Чатучак во Бангкок во неделата вечер. Повеќе од 60 лица биле однесени во болница со повреди.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Пожарникарите биле повикани на местото на настанот кратко по полноќ. Тие затекнале ужасна сцена на местото на настанот, гледајќи ги гостите како бегаат низ влезната врата зафатена од пламен. Снимките објавени на социјалните мрежи покажуваат луѓе како врескаат и бегаат од запалената зграда, а некои од нив и паѓаат.

Сведоци велат дека пожарот избувнал во близина на сцената и брзо се проширил. Возач што минувал ги забележал пламените околу 23:30 часот по локално време. Тој за локалниот медиум Дејли њуз изјави дека истрчал од својот автомобил и ги скршил прозорците за да им помогне на две лица да избегаат.

Мотоциклистот Сурин Џаихарн раскажа за АФП како им помогнал на пет лица да избегаат од запалениот бар, додека нивната облека била во пламен. „Скршен сум. Видов премногу смрт и не знам каква е судбината на луѓето на кои им помогнав“, рече тој.

Официјалната причина за пожарот е сè уште под истрага, изјави премиерот Анутин Чарнвиракул. Тој, исто така, им го пренесе на новинарите сведоштвото на музичар кој настапувал во времето кога избил пожарот.

„Тој ми кажа дека пожарот започнал од кај прекинувач и дека потоа сè се одвивало многу брзо. Имало експлозии и сите се обидувале да избегаат од чадот и пламенот“, рече премиерот.

„Многумина не успеале да побегнат бидејќи избегале во задниот дел од зградата, обидувајќи се да се скријат од чадот и пламенот во тоалетите. Таму ги пронајдовме повеќето тела“, додаде тој.

На пожарникарите им требало околу половина час за да го стават пожарот под контрола. И покрај брзата реакција, девет мажи и 18 жени починале. Првичните резултати од истрагата сугерираат дека повеќето од жртвите починале од вдишување чад, изјави Суријачаи Равиван, директор на одделот за управување со катастрофи во Бангкок. Сепак, нагласи дека се потребни дополнителни форензички тестови за официјално да се потврди ова.

Во понеделник наутро, барот „Ронг бер на лат прао“ беше опкружен со полициска лента. Поцрнети ѕидови и тавани можеле да се видат низ скршените прозорци, а уништен мебел бил натрупан пред влезот. Воздухот силно мирисал на изгорено.

Ова не е прв ваков инцидент во Тајланд. И покрај ветувањата на властите да ги заострат противпожарните и електричните безбедносни стандарди по претходните несреќи, нивното спроведување во пракса често е недоследно.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ