Нападот го снимил професионален фотограф, кој изјавил дека бизонот бил „вознемирен, бесен и напаѓал сè што ќе му се најдело на патот“. Инцидентот се случил во кампот Бриџ Беј, јужно од областа Фишинг Бриџ, додека Ајсом-Мекдениел шетал со својот внук.
Американската Служба за национални паркови, која управува со Јелоустоун, не објави дополнителни информации за нападот. Но, професионалниот фотограф Мајк Меклауд од блискиот Бозман во сојузната држава Монтана детално го опиша настанот за Каубој стејт дејли. Снимката од нападот му ја отстапил на медиумот, кој ја објави на Јутјуб.
Меклауд раскажал дека кампувал со сопругата кога таа забележала бизон како се приближува кон кампот.
„Само се обидував да снимам драматични кадри од бизон што целосно полудел. Ова целосно ми го промени мислењето за тоа што може да се очекува од нив во овој период од годината, бидејќи никогаш не би претпоставил дека може да се случи вакво нешто“, изјавил тој.
Според него, бизонот поминувал низ кампот.
„Се приближи до група деца што од безбедна оддалеченост го фотографираа со мобилни телефони, а потоа одеднаш тргна кон нив“, изјавил Меклауд.
Додал дека бизонот продолжил да трча низ кампот додека камперите викале и меѓусебно се предупредувале на опасноста. Мажот што подоцна бил нападнат тогаш се појавил на патот, додека бизонот лежел во прашината.
„Лежеше во прашината, како што често прават бизоните, со главата свртена кон патот“, рекол Меклауд.
На снимката се гледа како Ајсом-Мекдениел и неговиот внук, оддалечени неколку десетици метри од животното, ги вадат мобилните телефони и го снимаат бизонот непосредно пред тој да стане.
„Во тој момент дедото рече: ‘Добро, време е да си одиме’, па се повлекоа зад дрвјата“, раскажал Меклауд.
Вниманието на бизонот потоа го привлекол еден пикап, па тргнал кон него, по што возачот избегал.
„Возачот виде што се случува и само продолжи да вози“, рекол Меклауд, додавајќи дека бизонот потоа го насочил вниманието кон местото каде што дедото и внукот се „криеја меѓу дрвјата“.
Внукот успеал да побегне, додека бизонот го бркал неговиот дедо околу дрвјата, а потоа го кренал со роговите и го оттурнал.
„Бизонот го закачи со левиот рог во колкот и го фрли во воздух. Направи совршено превртување и падна на страна“, изјавил Меклауд.
Тој тврди дека се обидел да му го одвлече вниманието на бизонот.
„Навистина се исплашив дека ќе го прободе човекот, кој лежеше на земја, па престанав да снимам, потрчав кон бизонот, гласно викав и се обидував да изгледам што е можно поголем и пострашен“, рекол тој.
Истото го направиле и други минувачи, по што бизонот избегал.
Меклауд изјавил дека внукот на повредениот му рекол оти неговиот дедо „има прилично тешки повреди“.
На интернет-страницата на Јелоустоун се предупредува дека животните во паркот се „диви и опасни, без оглед колку питомо изгледаат“, и се препорачува најбезбедно да се набљудуваат од автомобил.
На посетителите им се советува да држат најмалку 90 метри растојание од мечки, волци и пуми, а најмалку 25 метри од сите други животни, вклучувајќи бизони и лосови.
„Ако животното ви се приближи, повлечете се за да одржите безбедно растојание. Незаконски е намерно да останете во близина или да им се приближувате на дивите животни на растојание што ги вознемирува или ги принудува да го променат своето однесување“, се наведува на страницата на паркот.
Меклауд нагласил дека повредениот во моментот на нападот ги почитувал препораките на паркот.
„Не видов некој да му се приближил премногу. Луѓето викаа: ‘Внимавајте, бизон минува низ кампот’, и држеа растојание. Беа многу внимателни“, изјавил тој за Каубој стејт дејли.
Нападот се случил во сезоната на парење на бизоните, кога мажјаците настојуваат да ја покажат својата сила и издржливост за да ги освојат женките.
„Се гледаше дека беше вознемирен, бесен и дека напаѓаше сè што ќе му се најдеше на патот“, изјавил Меклауд.
Според Каубој стејт дејли, ова е втор напад на бизон врз човек во Јелоустоун годинава. Првиот се случил на 26 јуни, кога во близина на областа Мад Вулкано, северно од Фишинг Бриџ, било повредено 12-годишно дете.





