понеделник, 13 јули 2026

Лолеска: Едно ваше „да“ за органодарителство, пишува нови поглавја во нечиј недовршен живот

Органодарителството е највисокиот чин на човечност. Тоа е одлука со која во моменти на најголема тага и загуба избирате да бидете нечиј спасител и да подарите живот токму онаму каде што надежта згаснала, вели претседателката на Здружението за ретки болести „Ретко е да си редок“, Гордана Лолеска, која со свое видеообраќање се вклучи во рамки на националната кампања, што се реализира под мотото „Органодарителството ѝ дава највисока смисла на човечноста!“.

Објавено на

часот

Сподели

„Секој ден започнува со надеж, но за многу семејства секој ден е само уште едно долго неизвесно чекање. Јас сум Гордана Лолеска, претседател на здружението за ретки болести ‘Ретко е да си редок’ од Охрид. Како активист, како човек често се прашувам: што е пострашно? Дали моментот кога ќе ја слушнеш ретката дијагноза за којашто со години нема лек, или оној момент кога ќе ти соопштат дека со тек на времето ќе доведе до откажување на некој витален орган. Многумина не знаат дека голем дел од пациентите со ретки болести во текот на својата борба се соочуваат со токму со оваа реалност. За нив, трансплантацијата на бубрег, црн дроб или бели дробови, е единствениот преостанат спас за живот“, посочува Лолеска.

Нагласува дека денес не говори само како активист, туку со целото нејзино битие, со сета нејзина ранливост и сила, како мајка, како родител, чие дете се наоѓа на листата на чекање на органи и додава дека кога во семејството страда еден член, тогаш страда и целото семејство.

„Тогаш секојдневието станува борба во која иднината зависи само од еден повик, од една одлука. Како родител нема поголема болка од тоа да ја гледаш немоќта пред болеста, но нема ниту поголема сила од надежта во градите. Во нашиот дом секоја секунда е борба, а секое отчукување на срцето е молитва за шанса за нов живот. Едно ваше ‘да’ пишува нови поглавја во еден нечиј недовршен живот. Може да спаси едно дете, нечија мајка, татко, брат или сестра. Ова е мисија за будење на нашата совест. Ве молам да не замижуваме пред туѓата болка, да зборуваме гласно, да разбереме дека хуманоста не прави поголеми луѓе. Подарете надеж. Подарете живот. Биди донор. Биди херој“, истакнува Лолеска и упатува благодарност до Министерството за здравство што ја поканило да биде дел од оваа важна кампања.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ