понеделник, 13 јули 2026

УЈП: Граѓаните за 2025 година пријавиле доход од безмалку 10 милијарди евра

Заврши годишното оданочување на граѓаните за 2025 година, при што во Управата за јавни приходи (УЈП) се евидентирани безмалку 10 милијарди евра пријавен доход (9,95 милијарди евра). Најголем дел од пријавениот доход е од плати, а над 313 илјади граѓани имаат право на поврат на повеќе платен данок. Вкупниот пресметан данок на личен доход изнесува нешто над 647 милиони евра, покажуваат податоците на УЈП.

Објавено на

часот

Сподели

За 2025 година, Управата за јавни приходи генерирала 863.100 Годишни даночни пријави (ГДП), кои се достапни преку системот „е-даночни услуги“. Од нив, 704.443 пријави се достапни на корисничките профили на граѓаните, додека останатите се однесуваат на лица кои сè уште немаат регистриран профил на електронскиот систем и не можат да извршат увид во своите пријави, да ги проверат податоците и да го преземат налогот за плаќање.

Од УЈП ги повикуваат сите граѓани кои сè уште немаат кориснички профил на системот „е-даночни услуги“ да се регистрираат, бидејќи само преку него можат да проверат дали имаат обврска за доплата на данок или, пак, право на поврат на повеќе платен данок.

„Увидот во вашата пријава е ваше право и ваша одговорност“, велат од УЈП, посочувајќи дека пријавите се генерирани врз основа на податоците што ги доставуваат исплатувачите на доход.

Од вкупно 704.443 достапни годишни даночни пријави, граѓаните лично потврдиле 26.653 пријави, додека 1.145 пријави биле коригирани од самите даночни обврзници. За овие корекции службените лица во УЈП дополнително одлучуваат. Останатите 676.645 пријави биле потврдени службено од страна на Управата.

Од УЈП предупредуваат дека доколку одредени приходи не се евидентирани или се внесени со грешка, граѓаните можат да го утврдат тоа единствено доколку ја прегледаат својата пријава. Непроверените пријави можат да доведат до ненавремено откривање на неточности, погрешно утврдени износи или дополнителни даночни обврски.

Над 313 илјади граѓани имаат право на поврат на данок

Од вкупно 704.443 Годишни даночни пријави, кај најголем број граѓани е утврдено побарување, односно повеќе платен данок во текот на годината.

Според податоците на УЈП, 313.519 пријави покажуваат дека граѓаните имаат право на поврат на повеќе платен данок во вкупен износ од околу 876,6 илјади евра.

Кај 208.857 пријави е утврдена обврска за доплата на данок во вкупен износ од околу 3,4 милиони евра, додека 182.067 пријави покажуваат дека данокот бил правилно пресметан и наплатен во текот на годината, без разлика за дополнителна уплата или поврат.

Од граѓаните кои имаат повеќе платен данок, 617 обврзници поднеле барање за враќање на данок во износ од околу 526,8 илјади евра.

Пријавениот доход зголемен за повеќе од 1,2 милијарди евра

Вкупниот пријавен доход утврден во годишните даночни пријави за 2025 година изнесува 9,96 милијарди евра, а пресметаниот данок на личен доход изнесува 647,4 милиони евра.

Во споредба со 2024 година, кога бил пријавен доход од 8,76 милијарди евра и пресметан данок на личен доход од 568,5 милиони евра, годинава е регистриран раст на пријавениот доход за околу 1,2 милијарди евра, додека пресметаниот данок е зголемен за околу 79 милиони евра.

Најголем дел од пријавениот доход и натаму доаѓа од приходи од работен однос. За 2025 година, од плати биле пријавени 7,46 милијарди евра, со пресметан данок од околу 462,8 милиони евра.

Следуваат приходите од капитал со пријавен доход од околу 399,5 милиони евра и пресметан данок од 39,8 милиони евра, доходот од продажба на сопствени земјоделски производи со околу 362,6 милиони евра, како и приходите од добивки од игри на среќа со околу 180,7 милиони евра пријавен доход.

Кај приходите од закуп и подзакуп се евидентирани околу 159,9 милиони евра, кај самостојната дејност околу 89,6 милиони евра, кај авторските права околу 76,6 милиони евра, додека капиталните добивки изнесуваат околу 31,7 милиони евра.

Помали износи се евидентирани кај приходите од осигурување, околу 16,8 милиони евра, и правата од индустриска сопственост, околу еден милион евра.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ