понеделник, 13 јули 2026

27 македонски препејувачи во конкуренција за наградата „Драги Михајловски“

Првпат откако е основана оваа награда ќе биде доделена за превод на поетско дело, со што ќе се потполни голема празнина во нашата културна средина, а воедно и достојно ќе се чествува името на д-р Драги Михајловски, кој даде најголем придонес токму во препевот на книжевни дела во стих.

Објавено на

часот

Сподели

Од Антолог информираа дека до крајниот рок за доставување на номинациите (1 јули 2026), пристигнале 24 дела во превод на македонски јазик, како во печатен така и во електронски формат. Во конкуренција за наградата се 27 македонски преведувачи. Книгите се објавени од девет издавачки куќи, а преводите се направени од 12 различни јазици. Опфатени се дела (самостојни книги или избори од творештвата) на 22 странски автори, а кога ќе се земат предвид и двете антологии, вкупно се опфатени дела од стотина светски поети.

Првпат откако е основана оваа награда ќе биде доделена за превод на поетско дело, со што ќе се потполни голема празнина во нашата културна средина, а воедно и достојно ќе се чествува името на д-р Драги Михајловски, кој даде најголем придонес токму во препевот на книжевни дела во стих.

Тричлената комисија за доделувањето на наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ годинава ќе ја сочинуваат д-р Јана Михајловска (библиотекар и претседател на Библиотекарското здружение на Македонија; претставник од семејството на Драги Михајловски), доц. д-р Владимир Цветкоски (автор, уредник, преведувач и толкувач и вонреден професорор на Катедрата за англиски јазик и книжевност и преведувач; претставник предложен од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“) и акад. Иван Џепароски (поет, есеист, преведувач и универзитетски професор, во пензија, претставник предложен од издавачката куќа „Антолог“).

Годинашното издание на наградата „Драги“ е реализирана од страна на издавачката куќа „Антолог“ со поддршка на Министерството за култура и во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје.

Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ беше воспоставена во 2022 година, а првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски (1951 – 2022), македонски писател, преведувач, есеист и универзитетски професор. Освен со прозните дела, Михајловски остави трајна трага во македонската култура со преводите на делата од Шекспир, Милтон, Шели, Китс, Блејк, Елиот, Милтон итн. Објави и неколку студии и есеи од областа на теоријата на преводот, а со своите ставови за преводот влијаеше како на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што беше професор, така и на сите што се занимаваат со науката за превод (транслотологија).

Во прилог е комплетниот список на пристигнати книги.

Агим Мустафаи за препевот од албански јазик на „Тестамент од свила“ од Лулзим Хазири, во издание на „Перун артис“ од 2024 година, Ана Пејчинова за препевот од англиски јазик на „Избрани песни“ од Радјард Киплинг, во издание на „Полица“ од 2024 година, Виолета Танчева-Златева и Милена Сиљаноска за препевот од српски јазик на „Чат-пат е добро да се читне некоја книга за да не се испадне глупав во друштво“ од Срѓан Драгојевиќ, во издание на „Три“ од 2025 година, Горјан Костовски за препевот од англиски јазик на „Нови познати фрази“ од Даниел Хејндс, во издание на „Струшки вечери на поезијата“ од 2026 година, Даниела Спироска за препевот од англиски јазик на „Песни“ од Дилан Томас, во издание на „ПНВ Публикации“ од 2026 година, Драгана Евтимова за препевот од словенечки јазик на „Тускулум“ од Денис Шкофич, во издание на „ПНВ Публикации“ од 2025 година, Елена Колева, Љубинка Басотова, Даниела Тошева, Војислав Саракински, Валериј Софрониевски, Светлана Кочовска-Стевовиќ и Методија Тасевски за препевите од грчки и латински јазик на „Антологија на античката лирика“, во издание на „Чудна шума“ од 2025 година, Ели Пујовска за препевот од холандски јазик на „Златен венец – одбрани песни од Анеке Брасинга“, во издание на „Струшки вечери на поезијата“ од 2026 година, Звонко Танески за препевот од словачки јазик на „Кон белата“ од Катарина Куцбелова, во издание на „Перун артис“ од 2025 година, како и за препевот од словачки јазик на „Златен венец – одбрани песни од Иван Штрпка“, во издание на „Струшки вечери на поезијата“ од 2025 година, Иван Шопов за препевот од бугарски јазик на „Писма до Нија која не ја родив“ од Димана Јорданова, во издание на „Чудна шума“ од 2026 година, Игор Радев за препевот од кинески јазик на „Безначајни песни“ од Шји Чуан, во издание на „Струшки вечери на поезијата“ од 2026 година, Јовица Ивановски за препевот од српски јазик на „Змијарник“ од Тања Ступар Трифуновиќ, во издание на „ПНВ Публикации“ од 2024 година, Јулијана Величковска за препевот од англиски јазик на „Погребувањето на глувчарапчето“ од Дерин Рис-Џоунс, во издание на „ПНВ Публикации“ од 2025 година, како и за препевот од српски јазик на „Птичјо око на тарабата“ од Милена Марковиќ, во издание на „ПНВ Публикации“ од 2024 година, Кристина Краличин Павлеска за препевот од српски јазик на „Овој пат се бирам себеси“ од Дизграм, во издание на „Матица“ од 2026 година, Ксенија Чочкова за препевот од германски јазик на „Повторното воведување на песочниот часовник“ од Михаел Кригер, во издание на „Струшки вечери на поезијата“ од 2026 година, Никола Ѓелинчески за препевот од англиски јазик на „Неред“ од Питер Мекеј, во издание на „Струшки вечери на поезијата“ од 2026 година, Никола Маџиров за препевот од бугарски јазик на „Таму каде што не сме“ од Георги Господинов, во издание на „Или-или“ од 2025 година, Петар Андоновски за препевот од грчки јазик на „30 грчки современи автори“, во издание на „Прозарт“ од 2025 година, Сашо Огненовски за препевот од српски јазик на „Каин и Абот, Авел и Костело“ од Ненад Јовановиќ, во издание на „Перун артис“ од 2024 година, како и за препевот од хрватски јазик на „Крвава книга“ од Фрањо Нагулов, во издание на „Перун артис“ од 2026 година, Славе Ѓорѓо Димовски за препевот од хрватски јазик на „Хотел за мртви“ од Лана Деркач и „Зебрано“ од Мирослав Кирин, двете во издание на „ПНВ Публикации“ од 2025 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ