За да ги спореди цените во седум од најпопуларните европски туристички дестинации, Еуроњуз бизнис ги анализирал податоците на Евростат за ценовните нивоа на различни производи и услуги.
Податоците не ја покажуваат вкупната цена на одморот, туку ги одразуваат националните просеци. Во најпознатите туристички места цените можат да бидат значително повисоки. На пример, хотелска соба во Атина и хотелска соба на островот Кос имаат различни цени, но и двете влегуваат во националниот просек за Грција.
Во анализата се опфатени седум земји.
Турција е најевтина севкупно
Индексот на ценовно ниво за финалната потрошувачка на домаќинствата го прикажува вкупното ценовно ниво на стоки и услуги за широка потрошувачка.
Поедноставено, ако една иста кошничка на производи и услуги во Европската Унија во просек чини 100 евра, колку би чинела во секоја од анализираните земји?
Турција е најевтина според повеќе од 2.000 производи и услуги. Кошничката што во Европската Унија чини 100 евра, во Турција чини само 59,6 евра, односно е за 40,4 проценти поевтина од европскиот просек.
Франција е најскапа меѓу анализираните земји, со индекс од 100,3, малку над просекот на Европската Унија. Останатите земји се под европскиот просек: Италија (97,1), Шпанија (91,6), Грција (87,4), Португалија (86,6) и Хрватска (78,4).
Каде се најевтини хотелите и рестораните?
Категоријата „ресторани и хотели“ на Евростат ги споредува цените за исхрана во ресторани и сместување и е една од најважните за туристите.
Франција е најскапа, со индекс 116, а по неа следува Италија со 110,8. Тоа значи дека ако просечната кошничка за оваа категорија во Европската Унија чини 100 евра, во Франција би чинела 116 евра, а во Италија 110,8 евра.
Најевтина е Португалија, каде што истата кошничка чини 73,6 евра, односно цените се за 26,4 проценти пониски од европскиот просек. И Турција е под индекс 80, со вредност 78,3.
Хрватска (89,6) е малку поскапа од Грција (86,1) и Шпанија (85,4).

Турција и Шпанија имаат најевтина храна
Цените на храната се релативно слични во шест од седумте земји, со еден јасен исклучок – Турција.
Франција е најскапа, но цените се само 7,9 проценти над просекот на Европската Унија. Кошничката што во Европската Унија чини 100 евра, таму би чинела 107,9 евра.
Во Турција истата кошничка чини само 75,6 евра. Единствено Шпанија е исто така под европскиот просек, со индекс 94,6, додека останатите земји се малку над него.
Алкохолот е убедливо најскап во Турција
Алкохолните пијалаци покажуваат најголеми разлики меѓу земјите.
Турција убедливо се издвојува како најскапа дестинација – алкохолот таму чини повеќе од двојно од европскиот просек, со индекс 210,2.
По неа следуваат Грција со индекс 154 и Хрватска со 133,9.
Од друга страна, најевтин алкохол има во Италија, со индекс 81,9, а и Шпанија е под европскиот просек со 90,1. Франција и Португалија се блиску до просекот, со индекси 100,9 и 107,1.
Кај безалкохолните пијалаци разликите се помали, но и понатаму значајни – цените се движат од индекс 81,8 во Италија до 133,5 во Хрватска.
Турција има убедливо најевтин тутун
Цените на тутунските производи значително се разликуваат – од индекс 25,4 во Турција до 191,1 во Франција.
Сите останати земји се под просекот на Европската Унија, но ниту една не е ни приближно евтина како Турција. Втора најевтина е Хрватска, со индекс 64,6.
Јавниот превоз е најевтин во Турција
За туристите што користат јавен превоз, Турција повторно е најевтина, со индекс 68,3.
Само Франција е над европскиот просек, со индекс 112,8.
Португалија, Шпанија и Хрватска се околу индекс 80, додека Грција е веднаш под просекот на Европската Унија.
Цените на морската храна се слични
За љубителите на морска храна, разликите се релативно мали. Цените се движат од индекс 95,4 во Португалија до 112,7 во Грција.
Во анализата не се земени предвид приходите на населението. Затоа, за граѓаните од земјите со повисоки приходи ценовните разлики можеби нема да бидат толку забележливи, колку што се за туристите од земјите со пониски приходи.





