Според новата анализа на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) „Побрзи постапки не значат и побезбедни угостителски објекти: Измените на Законот за угостителство воведуваат дигитализација, но не и суштинска реформа“, трагедијата во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани не била резултат на еден изолиран пропуст, туку последица на повеќегодишни системски слабости, нејасни процедури, недоволен надзор, правни празнини и недоследно спроведување на законите.
Како што се наведува во аналиата, случајот со „Пулс“ ја отвори клучната дилема како објект кој, според наодите, не ги исполнувал основните безбедносни стандарди, успеал да добие дозвола за работа и повеќе од една деценија да функционира без институциите да ги откријат проблемите.
Од ИДСЦС се осврнуваат на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) која по трагедијата извршила антикорупциска проверка на законите и правилниците кои се однесуваат на издавањето дозволи и лиценци, како и на надзорните механизми. Во анализата на ДКСК било посочено дека Законот за угостителска дејност содржи регулаторни слабости кои можат да создадат простор за коруптивни практики поради непрецизни процедури, отсуство на контролни механизми и можност условите да се исполнуваат само формално.
„Со измените, законодавецот целосно ги игнорира сите препораки од антикорупциската проверка на Законот за угостителска дејност спроведена од ДКСК, иако давањето такви препораки претставува една од клучните законски надлежности на Комисијата. Препорака, при идни измени на Законот за угостителска дејност, кои се и повеќе од неопходни, пратениците да обезбедат суштинско разгледување и интегрирање на препораките од ДКСК, засегнатите институции и граѓанското општество за системско адресирање на идентификуваните регулаторни слабости и корупциски ризици“, наведуваат од ИДСЦС.
Издавањето лиценци оставени на совеста на угостителите
Еден од главните проблеми, според анализата, е тоа што и по измените на законот, останува системот во кој угостителите декларативно изјавуваат дека ги исполнуваат минималните технички услови, без јасно утврдена обврска надлежен орган навремено да изврши проверка на терен.
Тоа, според авторите на анализата, создава ризик објекти да започнат со работа без државата претходно да потврди дали се исполнети безбедносните стандарди. Дополнително, институциите можат меѓусебно да ја префрлаат одговорноста за контролите, што создава простор за пропусти.
„Сепак, петнаесет месеци подоцна, освен забраната за употреба на пиротехнички средства во затворен простор со измените на Законот за прекршоците против јавен ред и мир, законодавецот не донесе ниту една суштинска промена или реформа за превенција од нови трагедии. Денес, доколку некој пројави интерес да отвори кабаре, ноќен клуб или дискотека, лиценцата за работа може да ја стекне по истата процедура и на истиот начин како и пред трагедијата во Кочани. Неодамнешните измени на Законот за угостителска дејност по својата содржина изгледаат повеќе како пакет за техничко-административна дигитализација на постапките, а помалку како реформа за подобрување на регулацијата која ја засега безбедноста на граѓаните во угостителскиот сектор. Наместо суштински интервенцииза воведување построги услови за издавање лиценци, зајакнување на државниот надзор преку воведување задолжителни проверки и поефикасни санкции за прекршоците, измените на законот не адресираат ниту еден од пропустите што придонесоа до трагедијата во Кочани. Измените содржат бројни амандмани и речиси сите се движат во еден правец – дигитализација на административните постапки“, пишува во анализата.
Како решение се предлага задолжителен инспекциски увид пред почетокот на работата, со проверка на минималните технички услови, противпожарната заштита и останатите безбедносни стандарди. Се предлага и формирање мешовита комисија од повеќе институции која би вршела теренски проверки и би одлучувала за издавање дозволи.
Анализата укажува и на проблемот со надзорот врз реалната употреба на објектите. Во моментов не постои интегриран регистар кој би ги поврзал податоците за намената на објектите, регистрираната дејност и надлежните институции за контрола. Податоците за намената на објектите, регистрацијата на дејностите и инспекцискиот надзор се водат во различни системи, без задолжителна меѓусебна проверка. Поради тоа, останува нејасно која институција треба да реагира кога постои несогласување меѓу фактичката состојба и регистрираната дејност.
„Имајќи го предвид големиот број објекти што се користат за угостителски активности, потребно е во законската рамка да се воспостави јасна обврска за институционална проверка на усогласеноста меѓу регистрираната дејност (угостителство), намената на објектот и институцијата која врши надзор. Ова може да се унапреди и со подобра координација меѓу надзорните органи и вкрстување на податоците од трговскиот регистар, регистарот на угостители што го водат Министерството за економија и општините и Агенцијата за катастар на недвижности“, препорачуваат од ИДСЦС.
Казните не се доволна пречка за прекршување на правилата
Во анализата се оценува дека со измените не се адресирани ниту препораките за зајакнување на прекршочниот систем. Според ДКСК, висината на глобите не е соодветна на можните последици кога се загрозуваат животот, здравјето и безбедноста на граѓаните. Се бара ревизија на казнената политика и воведување построги санкции за прекршоци кои можат да доведат до сериозни последици, како и усогласување со Законот за прекршоци и Законот за инспекциски надзор.
Измените на законот предвидуваат и воспоставување регистар на издадени лиценци за ноќни барови, кабареа и диско клубови, но анализата предупредува дека законот не ја утврдува неговата минимална содржина, туку тоа го остава на подзаконски акт.
Според препораките, регистарот треба да содржи податоци за изречени мерки, прекршочна историја, статус на лиценцата и други информации важни за јавноста, со цел да се обезбеди поголема отчетност и информираност на граѓаните.
„Да се изврши ревизија на прекршочниот режим во Законот за угостителска дејност со цел санкциите да бидат соодветно прилагодени на ризиците и штетите што можат да произлезат од прекршувањата. Особено е потребно да се заострат казните за прекршоци кои можат да го загрозат животот, здравјето и безбедноста на граѓаните и да се обезбеди нивна усогласеност со решенијата предвидени во Законот за прекршоци и Законот за инспекциски надзор“, се наведува во анализата на ИДСЦС.
Побрзи постапки без гаранција за поголема безбедност
Најголемиот дел од измените во законот се однесуваат на дигитализација на административните постапки. Според аналитичарите на ИДСЦС, иако ваквиот пристап теоретски го намалува ризикот од корупција преку ограничување на директниот контакт помеѓу угостителите и администрацијата, тој претставува само техничко подобрување на постојниот систем.
„Забрзување и поедноставување на постапките за стекнување дозволи за работа во области кои директно влијаат на јавната безбедност носи сериозен ризик, особено кога празнините остануваат, а постапката се дигитализира. На овој начин, наместо да се намали административниот товар врз бизнис-секторот, значително се намалува ефикасноста на државниот надзор“, препорачуваат од ИДСЦС.
Измените на законот предвидуваат ресорното министерство да води регистар на издадени лиценци за ноќни барови, кабареа и дискоклубови. Меѓутоа, законот не ги утврдува содржината и формата на регистарот, туку тоа му се препушта на министерот да ги пропише со подзаконски акт. Со тоа, велат од ИДСЦС, клучното прашање, што ќе содржи регистарот, се остава на дискреција на извршната власт, надвор од законска обврска и парламентарна контрола. „Оттука, во отсуство на законско уредување на минималната содржина на регистарот, дури и квалитетно изработен правилник, не претставува доволна гаранција за трајна транспарентност. Со секоја промена на министерот постои можност содржината на регистарот да биде сведена на обичен список на активни лиценци, без никакви дополнителни информации за угостителите“, се наведува во анализата.
Затоа од ИДСЦС препорачуваат дека во законот мора експлицитно да се уреди минималната содржина на регистарот на издадени лиценци, вклучувајќи изречени мерки, прекршочна историја, статус на лиценцата, активна, суспендирана, истечена и други релевантни податоци за работењето на субјектите. Во таков случај, регистарот нема да има ограничена информативна вредност и ќе придонесе суштински кон поголема транспарентност, отчетност и информираност на граѓаните.
Заклучокот на анализата е дека дигитализацијата може да помогне во намалување на административниот товар и ограничување на директниот контакт меѓу институциите и бизнисите, но сама по себе не ги решава структурните слабости на системот.
„Имајќи предвид дека токму регулаторните слабости во Законот за угостителска дејност беа посочени како еден од клучните фактори што овозможиле долгорочно функционирање на угостителски објекти без соодветни контроли и без придржување до безбедносните стандарди, јавноста оправдано очекуваше темелна реформа на законската рамка. Во моменти кога граѓаните се најопуштени и најранливи – кога се забавуваат, државата мора да гарантира дека безбедносните стандарди не се пропуштени на самодекларации и/или формалности, туку на строга и ефективна контрола и надзор. Пратениците имаат клучна улога и директна одговорност за заштита на јавната безбедност и чувството на сигурност на граѓаните. Токму тие го носат конечниот збор дали законската рамка ќе остане со бројни структурни празнини или ќе стане реален механизам за превенција и заштита од повторување на историјата. Затоа, токму од нив се очекува да пристапат кон суштинска реформа на угостителската регулација и да обезбедат дека секој граѓанин ќе се чувствува безбедно на простори каде што државата има обврска да ги заштити неговиот живот и неговото здравје“, пишува во заклучокот на анализата на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) „Побрзи постапки не значат и побезбедни угостителски објекти: Измените на Законот за угостителство воведуваат дигитализација, но не и суштинска реформа“.
И.О.





