понеделник, 13 јули 2026

Германија финансира 50 илјади борбени дронови за Украина

Германија финансира купување на 50.000 борбени дронови за Украина, изјави извор запознаен со ова прашање, се работи за едно од најголемите познати купувања на дронови за Киев што досега е спроведена од некоја западна влада.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

За време на повеќе од четиригодишната војна против Русија, Украина во голема мера се потпираше на разни видови беспилотни летала, произведувајќи милиони дронови годишно, додека украинските сили секојдневно спроведуваат илјадници напади со дронови.

Нарачката за борбени дронови се однесува на дронови Шрајк ФПВ произведени од големиот украински производител Скајфол, а опремени со софтвер од американската компанија за одбранбена технологија Отирион. Овој софтвер е наменет за автономно следење и погодување на подвижни цели во последната фаза од летот.

Извршниот директор на Отирион, Лоренц Мајер, ја потврди вредноста на договорот, додавајќи дека изнесува околу 90 милиони евра и дека е финансиран од европска земја. Мајер за Ројтерс изјави дека некои дронови веќе се испорачани на украинската влада, додека останатите треба да бидат испорачани оваа година.

Скајфол ја потврди вклученоста на Германија, но рече дека компанијата не може да коментира за детали од набавката. Германското Министерство за одбрана одби да коментира, наведувајќи ја оперативната безбедност. Министерството за одбрана на Украина, исто така, одби да коментира.

Шрајк, евтин дрон кој се користи во Украина од 2023 година, неодамна привлече внимание во странство. Верзијата наречена Шрајк 10-Ф, произведена од Скајфол во соработка со британската компанија Скајкатер, неодамна го освои првото место во првата рунда од натпреварот организиран од Пентагон, како дел од иницијативата од 1,1 милијарда долари за набавка на стотици илјади борбени дронови за еднократна употреба. Отирион објави дека неговиот софтвер се користи во неколку поднесени решенија на тој натпревар.

Мајер рече дека Отирион помага во испораката на вкупно 100.000 дронови за Украина оваа година во соработка со различни производители на хардвер, финансирани од бројни западни влади. Ова го вклучува и договорот на Пентагон од 50 милиони долари за испорака на 33.000 дронови, за кои рече дека веќе се испорачани во Украина.

Минатиот месец, Велика Британија објави дека оваа година ќе обезбеди 150.000 дронови за Украина како дел од поширок пакет за финансирање вреден 752 милиони фунти (повеќе од 880 милиони евра).

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ