Со силна динамика продолжуваат градежните работи на довршувањето на булеварот „Борис Трајковски“, еден од најзначајните инфраструктурни проекти во Скопје, кој повеќе од три децении беше симбол на нереализирани ветувања, застој и секојдневни сообраќајни проблеми, информираат од Град Скопје.
Работите, како што е соопштено, се одвиваат согласно предвидената динамика, а по нивното завршување, повеќе од 100.000 жители ќе добијат современ и безбеден булевар со четири сообраќајни ленти, пешачки патеки и велосипедска инфраструктура, што значително ќе ја подобри безбедноста и проточноста на сообраќајот.





