вторник, 14 јули 2026

Пожар во центарот на Брисел: Во лифт пронајдени неколку мртви (ВИДЕО)

Неколку лица загинаа во пожар што избувна денес во зграда во изградба во центарот на Брисел, потврдија локалните власти. Причината за пожарот во кулата Окси сè уште е непозната, а најмалку шест лица се водат како исчезнати, јавува Би-Би-Си. Иако пожарот брзо бил изгаснат, по влегувањето во зградата, пожарникарите откриле дека се проширил во отворите за лифтови, каде што два лифта останале заглавени.

Фото: Скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Успеале да отворат еден и пронашле „неколку жртви, но сè уште не го знаеме точниот број“, рече Брехт Спајбрук, портпарол на Канцеларијата на обвинителството за труд во Брисел. Спајбрук додаде дека неговиот тим се подготвува да ги извлече телата од лифтот. „Можеби станува збор за шест исчезнати лица, но можно е да има повеќе во другиот лифт или некаде на друго место“, рече тој.

Тој нагласи дека доколку се покаже дека пронајдените тела не им припаѓаат на исчезнатите, ќе мора да се пребара и вториот лифт. „Поради урнатините, условите за работа се многу тешки. Затоа, операцијата за извлекување ќе трае уште неколку часа“, рече тој.

Градоначалникот на Брисел, Филип Клоуз, им се заблагодари на службите за итни случаи за „вршењето извонредна работа во особено тешки околности“. Премиерот Барт де Вевер и белгискиот крал Филип, исто така, го посетија местото на несреќата попладнето, објави белгиската телевизија РТБФ.

Според локалните медиуми, две лица биле однесени во болница со тешки изгореници, а на еден пожарникар му е пружена помош на лице место поради изложеност на високи температури. Кулата Окси, која се наоѓа на само 500 метри од Гранд Плас, централниот плоштад во градот, сè уште е во изградба. По завршувањето, треба да содржи апартмани, хотел, ресторани и барови.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ