вторник, 14 јули 2026

Училиштата стануваат новото политичко бојно поле: АфД најавува радикални промени во образованието ако победи на изборите

Училиштата во германската сојузна покраина Саксонија-Анхалт станаа ново политичко бојно поле пред регионалните избори закажани за 6 септември, на кои крајнодесничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) има реални шанси првпат да формира покраинска влада, покажува анализа на Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Повод за спорот е случајот на наставникот по техничко образование Макс Хекел од градот Штендал. Тој минатата година бил пријавен до покраинската училишна управа откако на прашање од ученик дали гласал за АфД одговорил дека не ја поддржал партијата, делумно затоа што домашната безбедносна служба ја класифицирала како „екстремистичка“.

Неколку недели подоцна добил официјална опомена поради прекршување на правилата што бараат наставниците да останат политички неутрални во училницата.

Хекел вели дека оттогаш бил изложен на навреди на интернет, закани со насилство, оштетување на автомобилот и јавни напади од високи функционери на АфД. Тој ја оспорува опомената, тврдејќи дека наставниците имаат обврска да ги бранат демократските темели на Германија.

Според него, многу негови колеги избегнуваат да зборуваат за вакви теми поради страв од дисциплински постапки и притисоци.

Покраинската училишна управа одбила да го коментира случајот, образложувајќи дека постапката сè уште трае.

АфД најавува целосна промена на образовниот систем

За АфД, случајот со Хекел е пример за, како што тврди партијата, левичарско влијание во училиштата.

Улрих Зигмунд, кандидатот на АфД за премиер на Саксонија-Анхалт, рекол за Ројтерс дека доколку партијата дојде на власт, ќе спроведе широка реформа на образованието.

„Сакаме наставата да остане неутрална, за учениците самостојно да формираат ставови за политичкиот живот во земјата. Не ни се потребни наставници што агитираат во која било насока“, рече Зигмунд.

Тој ја отфрлил оценката на безбедносните служби дека АфД е екстремистичка организација, тврдејќи дека станува збор за политички мотивирана одлука.

Иако федералната безбедносна служба привремено ја суспендираше својата проценка дека АфД е „докажано десноекстремистичка“ по судска одлука, покраинската служба во Саксонија-Анхалт и натаму ја класифицира локалната организација на партијата како екстремистичка, што АфД го негира.

Фокус на „патриотско образование“

Според Ројтерс, АфД ја гледа Саксонија-Анхалт како можен прв чекор кон освојување на власта и на федерално ниво.

Партијата најавува дека ќе воведе „патриотска културна политика“, со поголем акцент на средновековната германска историја и личности како Ото фон Бизмарк, а ќе укине дел од програмите за социјална и психолошка поддршка и интеграција на деца од бегалски семејства.

Ханс-Томас Тилшнајдер, еден од креаторите на образовната политика на АфД во покраината, изјавил дека образованието ќе биде еден од главните приоритети на евентуалната влада на партијата.

„Сакаме целосно нова и поинаква образовна политика. Политичкото влијание врз децата, односно политичката индоктринација, не е задача на училиштата“, рече тој.

Главните партии предупредуваат на закана за демократијата

ЦДУ и останатите големи германски партии оценуваат дека АфД го загрозува повоениот демократски консензус во Германија и остануваат на ставот дека нема да коалицираат со неа.

Критичарите на АфД предупредуваат дека нејзиното толкување на „политичката неутралност“ би можело да ја ограничи јавната дебата и критичкото размислување кај учениците.

„Постои обврска да се брани Уставот, а тоа значи дека мораме да го штитиме слободниот и демократскиот поредок, и приватно и на работното место“, изјави наставникот Макс Хекел.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ