Американски претставник за Ројтерс изјави дека американските сили денеска извршиле уште неколку напади врз воени цели во Иран, додавајќи дека целта на операцијата била „елиминирање на новите закани“.
Набргу потоа, Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ) соопшти дека како одговор на американските напади погодила непријателски воени цели во Бахреин и Кувајт.
Воедно, ИРГЦ порача дека новите американски напади само ќе го одложат повторното отворање на Ормускиот Теснец и предупреди дека „ниту една капка нафта“ нема да го напушти регионот поради продолжувањето на американските воени операции.
Иранските државни медиуми ја пренесоа пораката на властите дека, сѐ додека продолжуваат, како што ги нарекуваат, „злонамерните дејствија“ на Соединетите Американски Држави во регионот, „ниту една капка нафта и природен гас“ нема да помине низ Ормускиот Теснец и да биде извезена.
Заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Казем Гарибабади, изјави дека Иран ќе го остварува својот суверенитет над Ормускиот Теснец „без оглед на цената“.
Во интервју за иранската државна телевизија тој изјави дека овој стратегиски морски премин е составен дел од националната безбедност на Иран. Додаде и дека Техеран повеќе не се смета за обврзан со меморандумот за разбирање што беше постигнат со Соединетите Американски Држави за воспоставување 60-дневно примирје.
Со тој договор беа прекинати воените дејствија меѓу двете држави и повторно беше отворен Ормускиот Теснец, додека преку преговори се бараше трајно решение за иранската нуклеарна програма и статусот на овој клучен поморски правец. Меѓутоа, новиот бран меѓусебни напади во текот на изминатата недела доведе до распад на договорот и дополнително ги намали изгледите за постигнување траен мировен договор.
Ормускиот Теснец е еден од најважните светски поморски правци за снабдување со енергенси. Пред избувнувањето на конфликтот низ него минуваа околу 20 проценти од светскиот извоз на нафта и течен природен гас, а нарушувањата во пловидбата за време на судирот меѓу САД и Иран предизвикаа силен раст на цените на енергенсите на светските пазари.





