Од македонска страна, учесниците на заедничката седница на Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции порачаа дека е потребно забрзување на интеграцијата на Западен Балкан во единствениот европски пазар, признавање на реформските резултати на земјата и надминување на блокадите поврзани со билатерални и историски прашања. Во дискусијата беше нагласена и потребата од национален консензус за европската агенда, како и од продолжување на европските програми за поддршка на медиумските слободи и владеењето на правото.
Амбасадорот на Ирска за Македонија, со седиште во Букурешт, Брендан Вард, претставувајќи ја програмата на ирското претседателство, истакна дека Даблин ќе работи според стратешката агенда на ЕУ за периодот 2024-2029 година.
„Имаме амбициозен план со три теми кои ќе го обликуваат претседателството: конкурентноста, вредностите и безбедноста. Тие ќе ги одразуваат столбовите на стратешката агенда за периодот 2024-2029 година, договорена од Европскиот совет“, рече Вард.
Тој нагласи дека проширувањето ќе остане значаен приоритет на Ирска.
„Проширувањето на Унијата е значаен приоритет за Ирска. Ќе работиме кон завршување на пристапните преговори со Црна Гора и ќе настојуваме да постигнеме суштински напредок во преговорите со Албанија, Украина и Молдавија“, посочи ирскиот амбасадор.
Осврнувајќи се конкретно на земјава, Вард порача дека ќе ја поддржат Македонија на патот кон членството во ЕУ.
„Секако, силно ќе ја поддржуваме и Македонија на нејзиниот пат кон членство во Европската Унија и ќе работиме заедно со партнерите во Унијата и со властите во Скопје за да видиме каков напредок може да се постигне“, посочи тој.
Најави и дека Ирска ќе ја води Унијата низ сложените преговори за новата повеќегодишна финансиска рамка за периодот 2028-2034 година, со цел да се обезбеди буџет кој ќе ги зајакне конкурентноста, вредностите и безбедноста на ЕУ.

Заменик-министерката за европски прашања, Викторија Трајков оцени дека за Македонија и Западен Балкан е охрабрувачки што регионот останува високо на агендата на Унијата.
„Западниот Балкан не е само соседство на Европската Унија, туку е составен дел од европската иднина“, порача Трајков.
Таа додаде дека Владата останува посветена на реформите и очекува тие да бидат соодветно вреднувани.
„Токму затоа очекуваме реформските достигнувања на Македонија да бидат соодветно препознаени и вреднувани од институциите на Европската Унија“, рече Трајков.
Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски ја нагласи важноста на побрзата интеграција на регионот во европскиот пазар и потсети на историската поврзаност меѓу македонските евроинтеграции и Ирска.
„За нас е многу важно да продолжиме со забрзано темпо на интегрирање на земјите од Западен Балкан во заедничкиот европски пазар“, истакна Милошоски.
Осврнувајќи се на пристапниот процес на земјава, тој порача дека „историските фрустрации и настаните што се случиле пред 100 или 150 години да бидат детерминанта за тоа што треба да се случува утре во нашата заедничка европска иднина, според нас, не претставуваат релевантни параметри за процесот на проширување“.
Милошоски потсети и дека Македонија ја поднела апликацијата за членство во ЕУ во 2004 година, кога токму Ирска претседавала со Унијата, оценувајќи дека постои силна симболика во тоа што Даблин повторно го презема кормилото во период кога земјава очекува нов исчекор во евроинтеграциите.
Членот на Националниот совет за евроинтеграции, Драган Секуловски предупреди дека европските и советодавните програми за медиумски слободи и владеење на правото не смеат да бидат прекинати.
„Жалам што морам да констатирам дека сегашната, трета фаза на една од овие програми на Советот на Европа трае до декември 2026 година и засега нема најава за нејзино продолжување“, рече Секуловски.
Тој побара поддршка од ирското претседателство за продолжување на регионалните програми и посочи дека „темата е многу поширока, бидејќи се однесува на заштитата на сите граѓани кои учествуваат во јавниот живот и придонесуваат кон демократскиот развој на општеството“.
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Иванка Василевска оцени дека враќањето на проширувањето во фокусот на ЕУ е значајна политичка порака.
„Идејата проширувањето повторно да биде ставено во фокус е јасна порака дека Европската Унија ја препознава својата иднина како неразделна од иднината на континентот“, рече Василевска.
Пратеникот од Алијанса за Албанците, Халил Снопче порача дека евроинтеграциите зависат пред сѐ од домашните реформи.
„Ниту едно претседателство со Европската Унија не може да го надомести недостатокот на реформи. Не може да ја замени политичката волја, чувството за одговорност и вистинската посветеност на европските вредности“, рече Снопче.
Лидерката на ЛДП, Моника Зајкова го искористи мотото на ирското претседателство како порака до домашните политички актери.
„Со години сме заглавени во истите ровови и во истата матрица. Власта ја обвинува опозицијата, опозицијата ја обвинува власта, а државата стои во место“, истакна Зајкова.
Таа повика на национален договор за европската агенда, оценувајќи дека „крајно време е да престанеме да управуваме со европската агенда како со политички конфликт и конечно да почнеме да ја третираме како заедничка национална цел“.
Од Алијанса за Албанците, Зијадин Села порача дека процесот на евроинтеграција бара почитување на европските вредности и надминување на поделбите.
„Токму затоа е потребно да градиме наратив кој обединува, а не наратив кој создава поделби. Европската идеја се заснова на заемно почитување, дијалог и соработка меѓу народите“, рече Села.
Заедничката седница помина во знак на поддршка за ирското претседателство, но и со јасни пораки дека Македонија очекува наредните шест месеци да донесат нова енергија за политиката на проширување.





