среда, 15 јули 2026

Се бара конфискација на стан и шест автомобили поврзани со осомничениот Александар Лазаров

Јавното обвинителство информира дека Александар Лазаров, кој беше во бегство откако избега од Полициската станица во Кочани, е испратен на издржување притворска мерка, а јавен обвинител до Основниот суд во Кочани поднел и барање за привремено одземање на движен и недвижен имот поврзан со осомничениот за кој постои сомнение дека е поврзан со криминална активност – еден стан и вкупно шест автомобили.

Објавено на

часот

Сподели

Основното јавно обвинителство Кочани, како што информираат од Обвинителство, на 10 јули годинава донело наредба за спроведување истражна постапка, која покрај овој осомничен, опфаќа уште едно лице, а се однесува на кривично дело – неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик, кое го сториле како соизвршители.

Истрагата, како што информираат, е поведена затоа што кај осомничените, при претрес во автомобил, биле пронајдени осум грама наркотична дрога – кокаин.

Освен тоа, јавниот обвинител до Основниот суд во Кочани поднел и барање за определување привремена мерка за обезбедување – привремено одземање на движен и недвижен имот согласно член 202 од Законот за кривичната постапка, односно имот поврзан со осомничениот за кој постои сомнение дека е поврзан со криминална активност.

„Од преземените дејствија до овој момент постои сомнение дека еден стан и вкупно шест автомобили, од кои дел биле запишани на други лица, фактички се наоѓаат во владение и на располагање на осомничениот. Овој имот не кореспондира со неговите законски приходи, што го потврдува сомнението дека истиот претставува имот стекнат со криминална активност или имот кој служи за прикривање на незаконски стекната имотна корист“ , информираат од Обвинителство.

По претходно добиени оперативни информации полициски службеници од СВР Скопје – Одделение за потраги, вчера 41-годишниот Лазаров, е приведен во Полициската станица Кисела Вода. По предлог на јавниот обвинител, истиот ден на лицето му била определена мерка притвор, додека по лишувањето од слобода, јавниот обвинител денеска бил известен и лицето веднаш е испратено на издржување на притворската мерка.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ