На средбата беа разгледани следните чекори за воспоставување на Фондот, подготовката на клучната документација, како и меѓуинституционалната координација неопходна за негово целосно ставање во функција. Посебен акцент беше ставен на создавање ефикасен, транспарентен и одржлив систем кој ќе овозможи непречено финансирање на проекти за енергетска ефикасност.
Министерката Божиновска истакна дека воспоставувањето на Фондот претставува една од најважните реформи во енергетскиот сектор, со која државата создава траен финансиски механизам за поддршка на инвестиции што ќе придонесат за намалување на потрошувачката на енергија, пониски трошоци и поголема енергетска независност.
Во следниот период фокусот ќе биде насочен кон донесување на целокупната неопходна документација и воспоставување на сите институционални и оперативни механизми што ќе овозможат Фондот да започне со финансирање на проекти за енергетска ефикасност.
Фондот за енергетска ефикасност ќе претставува клучен инструмент за мобилизирање на домашни и меѓународни финансиски средства и нивно насочување кон инвестиции во јавниот и приватниот сектор. Неговата цел е да обезбеди долгорочна финансиска поддршка за проекти што ќе ја зголемат енергетската ефикасност, ќе придонесат за намалување на емисиите на стакленички гасови и ќе го забрзаат процесот на зелена енергетска транзиција.
Соговорниците ја потврдија определбата за интензивна координација и партнерска соработка во наредниот период, со цел Фондот да стане целосно функционален механизам што ќе ги забрза инвестициите во енергетската ефикасност и ќе придонесе за исполнување на националните и европските климатски и енергетски цели.
Со воспоставувањето на Фондот за енергетска ефикасност, Македонија добива современ финансиски инструмент кој ќе обезбеди континуирана поддршка за инвестиции во почиста, поефикасна и поконкурентна енергетика, соопшти Министерството за енергетика.





