среда, 15 јули 2026

„Преку езерото“: Бугарски и српски филмаџии за регионалната кинематографија

Пред затворањето на петтото издание на филмскиот фестивал „Преку езерото“ во Дојран, претставници од филмските екипи на бугарскиот филм „Плот“ и српскиот „Кармадона“ разговараа за состојбите и предизвиците со кои се соочува кинематографијата во регионот.

Објавено на

часот

Сподели

Бугарскиот филм „Плот” кој публиката го проследи вчеравечер, инспириран е од вистински искуства и го истражува односот меѓу телото и душата, болеста и прифаќањето, а според продуцентот на филмот, Николај Мутафчиев, во фокусот е борбата помеѓу плотта и духот, која е секогаш актуелна.

„Во последните години се гледаат доста бугарски филмови, бидејќи зголемен е и бројот на снимени филмови, така што, да, домашните филмови се комерцијални, а имаме и пример со еден бугарски филм кој достигна гледаност од 770.000 гледачи, само во Бугарија, што е рамно на гледаност на еден американски филм“, вели Мутафчиев.

Дефицитaрни во бугарската кинематографија, според него, се сценаристите, за кои со зголемениот број на филмови, се појавила поголема потреба на пазарот.

„Можно е да имаме потреба од повеќе сценаристи. Во продукцијата имаме професионалци, но опција е да се снима филм и со сценарист од друга држава“, смета Мутафчиев.

По влезот на Бугарија во ЕУ, вели тој, се чувствува раздвижување на филмската работа во неговата држава, за разлика од состојбата пред неколку години, а сега побрзо оди и реализацијата на филмовите, за чие снимање порано повеќе се чекало.

Претставниците од филмската екипа на српскиот „Кармадона”, зборуваа за согледувањето на нивниот филм кој во пошироката јавност стана познат како едно од најрадикалните филмски остварувања на Балканот, за кој се зборува како за хорор, но и филм од жанрот на црните комедии, како и за состојбите со српската кинематографија. Според нив, тоа што публиката го прифаќа во странските филмови, на друг начин го перцепира во домашните.

„Ако Србија нешто повеќе мрази од неизвесноста, тоа е метафората. Од друга страна, суштината на филмот како медиум е да видиш нешто што не можеш да го видиш во реалниот живот… Мислам дека сите уживаме во туѓата несреќа. Тоа е стара човечка особина, секогаш гледаме дали некому му е полошо отколку тебе. Кај нас тоа е еден вид национален спорт – да му умре кравата на комшијата. Тоа е пред се поради тоа што сите се некако несреќни со своите позиции, љубоморни сме на луѓето покрај нас и никому ништо не му е доволно. „Кармадона“ го отвора токму тој момент и сето тоа излегува на виделина и може отворено да се изрази без прикривање“, рече режисерот на филмот, Александар Радивојевиќ.

Според продуцентот на филмот, Милош Џукелиќ, треба да има што повеќе размена на искуства и разговори меѓу филмските луѓе на фестивалите, за да може да се иницира идна соработка, бидејќи регионот се соочува со слични проблеми во однос на кинематографијата.

„Со години домашните филмови имаат гледаност и мислам дека слободно може да се натпреваруваат со блокбастери. Сметам дека треба да поставиме поголем пазар, да не се држиме само на фондовите од државата и да пробаме со некои приватни или комерцијални извори за да снимиме филм, по примерот и на овој филм кој вечерва ќе се претстави на фестивалот“, смета Џукелиќ.

За директорот на фестивалот Јани Бојаџи, „Кармадона” е шокантен, но најверојатно за оние кои не знаат што се случува во суштина во Србија, Македонија, Хрватска и во целиот регион, поради што лично него не го шокира, туку смета дека реалноста во овој дел од светот е полоша во однос на прикажаното во филмот.

Свеченото затворање на фестивалот е вечерва во амфитеатарот во Дојран од 20:30 часот, кога ќе бидат прикажани „Аналогни души” во режија на Марија Грчева и српскиот „Кармадона” во официјалната селекција.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ