„Што се однесува на лицето кое е опфатено со другиот дел од пресудата, од она што можев да го прочитам, можам да заклучам дека станува збор за последница од законските измени на Кривичниот законик донесени од претходната влада на СДСМ и ДУИ“, вели Мицкоски и додаде дека како резултат на тие законски измени имало многу политички амнестии, но и ќе следат.
„За жал, еднаш кога ќе направите грешка, таа грешка потоа станува правило и ве следи“, рече Мицкоски.
Основниот кривичен суд Скопје вчера донесе ослободителна пресуда за обвинетиот Никола Груевски во предметот познат како „Талир“, оценувајќи дека обвинителството не успеало надвор од разумно сомнение да докаже дека е сторено кривичното дело за кое се водеше постапката по измените на Кривичниот законик.
Судот наведува дека по измените на Кривичниот законик од 2023 година суштински се промениле елементите на кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, а обвинителството го изменило обвинението без да понуди нови докази кои би ги поткрепиле новите законски елементи. Судот истакна дека доказите останале исти како и во претходната постапка, но дека тие не можат да го потврдат изменетото обвинение, особено во делот на наводното пречекорување на службените овластувања, неизвршувањето на службената должност и постоењето намера како задолжителен елемент на делото.
Во соопштението Судот нагласува дека ослободителната пресуда е „исклучиво резултат на донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик во 2023 година“, додавајќи дека токму овие законски измени довеле до укинување на претходната првостепена пресуда, што било констатирано и од Апелациониот суд.
Судот потенцира дека останал конзистентен во анализата на доказите и утврдените факти, но дека поради изменетото законско битие на делото, со истите докази не можело да се докаже новото обвинение.
Случајот „Талир“ со години беше еден од најекспонираните судски предмети поврзани со ВМРО-ДПМНЕ. Иако во оваа постапка политичката партија не беше обвинета, обвинителството бараше конфискација на нејзиниот имот.





