На денешниот состанок во Министерството, се дискутирало за конкретни активности со цел воспоставување на Energy CSIRT (Computer Security Incident Response Team) во рамките на Министерството, како секторски тим за сајбер безбедност во енергетиката.
На состанокот присуствувале претставници на Министерството за дигитална трансформација, како и претставници на институции од енергетскиот сектор: МЕПСО, ЕСМ, ЕВН, НОМАГАС, МЕМО и Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги. Како претставник на Амбасадата на САД бил присутен Кристијан Доршнер, како и Методи Хаџи-Јанев, претставник на CRDF Global и Стивен Њутон, советник за сајбер безбедност на Министерството за дигитална трансформација.
„Енергетската безбедност и сајбер безбедноста се неразделно поврзани. Затоа, воспоставувањето на EnergyCSIRT претставува инвестиција во отпорноста, стабилноста и безбедноста на државата. Energy CSIRT претставува еден од клучните столбови за заштита на критичната инфраструктура во енергетскиот сектор. Како одговор на предизвиците во сајбер-просторот, кои се почесто се насочени особено кон енергетските системи, неопходно е да изградиме механизам кој ќе овозможи навремено откривање, координиран одговор и ефикасна размена на информации за сајбер инциденти“, било истакнато на денешниот состанок.
Како подгранка на владиниот CSIRT, EnergyCSIRT ќе го координира одговорот на сајбер инциденти, ќе врши анализа на закани и зајакнување на сајбер отпорноста на критичната енергетска инфраструктура.
На денешниот состанок било потенцирано дека на Energy CSIRT не треба да се гледа само како техничка структура, туку како платформа за соработка меѓу сите релевантни чинители – операторите на критична инфраструктура, државните институции, регулаторните тела и меѓународните партнери. Покрај воспоставувањето на Energy CSIRT, предвидено е и формирање на специјализиран OT Центар за обука, кој ќе биде посветен на развојот на човечките капацитети во областа на оперативните технологии и индустриските контролни системи.
Целта е да се воспостави платформа за координиран одговор на сајбер инциденти, размена на информации за закани и ранливости, поддршка во управувањето со инциденти, развој на стандарди и добри практики и организирање на вежби и тестирање на подготвеноста на институциите.
„Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ќе продолжи со праксата на следење на светските трендови и добрите практики во насока на воспоставување на одржлив и ефикасен систем за сајбер безбедност во енергетскиот сектор“, се додава во соопштението.





