Според записникот од МВР, по објавување на новинарска содржина и коментар поврзан со претседателот на Советот на Општина Тетово, Алби Камили, новинарот Рами Мислими најпрво бил телефонски контактиран од Алби Камили, кој, според пријавата, му упатил сериозни закани кон него, но и кон неговото малолетно дете, барајќи од него да ја избрише објавата на порталот и на социјалните мрежи.
Во записникот се наведува дека подоцна, во непосредна близина на Општина Тетово, на Мислими му се приближило лице кое се претставило како брат на Алби Камили и, според пријавата, му упатило дополнителни закани, порачувајќи му дека „една камера нема да те заштити“.
Ваквите закани претставуваат директен напад врз слободата на медиумите, правото на информирање и безбедноста на новинарите. Заканите упатени кон новинар поради неговата професионална работа, особено кога се насочени и кон членови на неговото семејство, претставуваат недозволив обид за заплашување и замолчување на критичкото известување.
Го повикуваме Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство итно, ефикасно и темелно да постапат по пријавата, да ги утврдат сите околности на случајот и да обезбедат соодветна кривична одговорност за сторителите.
Потсетуваме дека со измените на Кривичниот законик, нападите и заканите кон новинари при вршење на нивната професионална дејност се третираат со засилена кривично-правна заштита, односно новинарите во овие случаи се изедначени со службени лица. Оттука, очекуваме институциите доследно да ги применат законските одредби и да испратат јасна порака дека заканите и насилството врз новинарите нема да бидат толерирани.
ЗНМ внимателно ќе го следи развојот на случајот и ќе му ја обезбеди сета потребна правна и професионална поддршка на колегата Рами Мислими. Воедно, апелираме до сите носители на јавни функции, политички чинители и граѓани да се воздржат од говор на омраза, закани и притисоци кон новинарите и медиумските работници, бидејќи безбедноста на новинарите е предуслов за слободно, независно и професионално новинарство, соопшти ЗНМ.





