недела, 19 јули 2026

Жртва на Епстин за Би-би-си: Тоа беше култ од кој немаше излез

Една од жените кои со години биле дел од кругот на осудениот сексуален престапник Џефри Епстин првпат јавно и детално проговори за злоупотребата што, како што тврди, ја трпела со години, опишувајќи го неговиот систем на манипулација како „култ“ од кој речиси немало излез.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Жената, која за Би-би-си зборуваше под псевдонимот Ања за да го заштити својот идентитет, раскажа дека дури по смртта на Епстин во 2019 година успеала конечно да избега од животот кој, според неа, бил обележан со психолошка контрола, сексуална злоупотреба и целосна зависност од него.

„Сè уште се обидувам да се помирам со фактот дека со години бев злоупотребувана. Не бев врзана со синџири ниту затворена во подрум. Оковите беа помалку очигледни, но постоеја“, изјави Ања.

Според нејзините зборови, Епстин своето дејствување го опишувал како „култ“, а себеси како водач на тој култ. Таа тврди дека заедно со уште десетина млади жени живеела во станови што ги финансирал тој, работела за него 24 часа дневно и редовно била изложена на сексуална злоупотреба.

Ања наведува дека Епстин ја намамил со ветувања за успешна манекенска кариера. Откако од Русија заминала да работи како модел и соработувала со познати модни куќи, запознала човек кој ѝ го претставил Епстин како личност со бројни врски во модната индустрија. Денес верува дека уште од самиот почеток била внимателно избрана како мета.

„Тоа беше целосна местенка“, рече таа, тврдејќи дека целиот процес бил внимателно испланиран за да ја стекне нејзината доверба.

Таа опиша како со месеци ја убедувал да работи на својот изглед, ѝ ветувал средби со водечките луѓе од модната индустрија и барал фотографии, вклучително и голи фотографии, додека истовремено ѝ ја рушел самодовербата, убедувајќи ја дека не е доволно добра.

Првиот сексуален напад, како што тврди, се случил за време на неговата затворска казна во Флорида. Потоа други жени од неговото опкружување ѝ велеле дека претерува, поради што почнала да се сомнева во сопствената перцепција за тоа што се случило.

Со текот на времето, вели таа, станала целосно финансиски и животно зависна од Епстин. Немала сопствена банкарска сметка ниту можност самостојно да изнајми стан, а тој го контролирал нејзиното движење, контактите со други луѓе и пристапот до здравствена заштита.

Ања тврди дека Епстин користел различни методи за да ги држи жените под контрола. Им се заканувал со компромитирачки фотографии и видеоснимки, ги терал да му пишуваат писма со благодарност, а ги свртувал и една против друга за да не развијат меѓусебна доверба.

Особено потресен, според неа, бил моментот кога ја убедил тетоважата да ја отстрани со хируршко сечење на кожата наместо со ласерски третман, поради што и денес има видливи лузни.

Како најголем срам го опишува тоа што и самата, под притисок, учествувала во доведување други млади жени.

„Создаде цел екосистем на злоупотреба кој му служеше само нему“, рече таа, додавајќи дека со години молчела од страв, но денес сака јавно да проговори за да им помогне на другите жени да ги препознаат и да се извлечат од насилните односи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ