сабота, 18 јули 2026

Гори „рускиот Амазон“: Осум загинати во украински напад со дронови (ВИДЕО)

Во украински напади со дронови врз два магацина на најголемата руска интернет-продавница Вајлдберис загинаа осум лица, а 62 се повредени, соопштија руските власти.

Фото: принтскрин

Објавено на

часот

Сподели

Седум лица загинале во магацинот во градот Тамбов, околу 475 километри југоисточно од Москва, каде што се повредени уште 25 лица. Во вториот напад, врз магацин во Електростал во Московската област, едно лице загинало, а 37 се повредени, објави Би-би-си.

Непотврдени снимки од едно од местата на нападот покажуваат пламен и густи столбови црн чад над логистичкиот објект, додека десетици работници бегаат кон паркингот. На некои видеа се гледаат исплашени и повредени вработени кои се обидуваат да се спасат додека одекнуваат експлозии, а на други се уриваат ѕидови од магацинот зафатен од пожар.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека нападите погодиле „важни логистички објекти“. Според него, тие биле користени за снабдување со санкционирани компоненти за производство на дронови и навигациска опрема. Тој додаде дека Украина погодила и цели во Азовското и Црното Море, како и на Крим, кој Русија го анектираше.

Зеленски порача дека овие операции се одговор на „руските напади врз нашата цивилна инфраструктура, градови и заедници“ и потсети дека во ноќта кон средата во руските напади низ Украина загинале 14 лица.

Вајлдберис често се опишува како руски еквивалент на Амазон. Вредноста на групацијата РВБ, која ги обединува Вајлдберис и рекламната компанија Рус, рускиот Форбс во 2026 година ја процени на околу 12,6 милијарди долари.

Серхиј Кузан, претседател на Украинскиот центар за безбедност и соработка, за Би-Би-Си изјави дека Вајлдберис е „клучна компонента“ на руската логистика. Тој објасни дека руски доброволци преку оваа платформа купувале воена опрема, како што се воки-токи, панцири и компоненти за дронови.

„Главната причина за нападите врз магацините на Вајлдберис е прекинување на руската логистика и снабдувањето на руската војска и производителите на оружје со стоки со двојна намена, критична електроника и санкционирана стока“, изјави Кузан.

Тој смета дека „колатералната штета од ваквите напади може сериозно да влијае врз руската економија, но и да има психолошки ефект врз руското општество и врз натамошната поддршка за војната“. Русија од почетокот на војната напаѓа слични објекти во Украина, вклучително и поштенски служби и дистрибутери на електроника.

Директорката на Вајлдберис, Татјана Ким, една од првите руски милијардерки, изјави дека ова била „страшна ноќ“ за Русија и за компанијата.

Гувернерот на Тамбовската област, Евгениј Первишов, на Телеграм напиша дека „седум лица кои работеле во ноќната смена загинале на самото место“. Тој потврди дека 25 лица се повредени, од кои седум се во тешка состојба, а повеќето повреди се предизвикани од шрапнели.

Первишов истакна дека ова бил „најголемиот и најнехуман“ напад врз Тамбовската област според бројот на употребени дронови и жртви. Според него, при нападот биле соборени 28 дронови.

Гувернерот на Московската област, Андреј Воробјов, изјави дека осуммина од повредените во нападот врз магацинот во Електростал се во тешка состојба. Тој наведе дека во текот на ноќта во Московската област биле соборени вкупно 48 дронови и дека бил погоден и руско складиште за нафта.

Инцидентот го опиша како оној со „најсериозни последици“.

„Пожарникарите, службите за итни случаи и Министерството за вонредни ситуации сè уште се на терен“, напиша тој на Телеграм, без да даде повеќе детали за обемот на штетата.

Зеленски одделно потврди дека Украина погодила и „нафтен објект“.

Украина неодамна ги засили нападите со дронови со долг дострел врз руската критична енергетска инфраструктура, што предизвика широко распространет недостиг на гориво. Киев претходно овој месец соопшти дека поради тие напади биле „онеспособени“ речиси 43 проценти од руските капацитети за преработка на нафта, иако Би-би-си не можеше независно да ја потврди оваа бројка.

Украина тврди дека руските нафтени и гасни постројки се легитимни воени цели бидејќи Москва во голема мера се потпира на извозот на фосилни горива за финансирање на инвазијата што започна во февруари 2022 година.

Рускиот претседател Владимир Путин минатиот месец невообичаено призна дека недостигот на гориво е предизвикан од украинските напади. На почетокот на јули тој потпиша закон чија цел е да се зголеми снабдувањето со гориво на домашниот пазар.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ