Ова привремено затишје на драфт сцената всушност открива една нова димензија на меѓународниот скаутинг која упатува на тоа дека селекцијата на странски кошаркари веќе одамна не е во фаза на експеримент или коцкање со изборот, туку е влезена во фаза на хируршка селективност.
Сѐ уште во живо сеќавање е приодот од пред 30-тина и повеќе години кога НБА ги третираше меѓународните играчи како секундарен избор во четвртата, петата, шестата рунда од драфтот без некој посебен интерес веднаш да се доведат во тимот што ги избрал. Денес пак, играчи родени во странство се носители на седум последовни трофеи за најкорисен играч на првенствата. Трипати до највредната индивидуална награда дојде Никола Јокиќ, 2 пати Шеј Гилџес Александер и по еднаш Џоел Ембид и Јанис Адетокумбо. Ниту еден роден американец. Седум години по ред. Во последните пет НБА сезони само тројца играчи родени во САД, Џејсон Тејтум, Ентони Едвардс и Девин Букер, успеале да најдат место во најдобрата НБА петорка на првенството. На отворањето на претходната 2025/26 сезона, од вкупно 450 кошаркари под договор во 30-те тимови, НБА лигата забележа историски рекорд од 135 странски кошаркари. Точно 30%. Дури шест пати повеќе отколку во 1992-ра, годината кога Дрим тимот ги хипнотизираше Барселона и кошаркарскиот свет и ја претвори НБА во крајна цел на секој талентиран кошаркар на планетата.
Во 80-тите НБА беше безмалку 100% американски производ. Единствените играчи родени во странство кои настапуваа таму беа оние кои се преселиле во Америка како деца и поминале низ средношколскиот и колеџ системот. Играчи како Свен Натер од Холандија, кој во Америка дошол на 9-годишна возраст или Мајкл Томпсон од Бахамите, кој се преселил во Мајами за време на средното училиште. Скаутите, тренерите и менаџерите тогаш сѐ уште тргнуваа од фактот дека кошарката е американски спорт и дека елитниот кошаркарски талент можеше да се најде само кај нив. Малкуте исклучоци кои се протнаа, како нигериецот Хаким Олаџувон, Германците Детлеф Шремпф и Кристијан Велп, Холанѓанецот Рик Смитс, минаа 4 години низ НЦАА колеџ лигата, како природен традиционален филтер на пат кон НБА. Доведувањето таленти директно од Европа беше сосема туѓа идеја полна со пречки што, од оваа перспектива, изгледаат речиси комично.
Според правилата на ФИБА од тоа време, играч кој потпишал со НБА тим го губеше својот аматерски статус и подобноста да настапува за својата земја. За источноевропските кошаркари ситуацијата беше уште подраматична. Советските играчи, на пример, во суштина беа државна сопственост, а нивната иднина беше контролирана од спортската бирократија во СССР. Извонредни кошаркари како Александар Волков, Арвидас Сабонис, Шарунас Марчуљонис, Валериј Тихоненко, Сергеј Тараканов, не смееја да помислат да ја продалжат кариерата ниту во Европа, а не пак во НБА. Првиот играч што созреа како кошаркар во Европа, а кој настапи за НБА тим беше Бугаринот Георги Глучков, крилен центар висок 203 цм кој во дресот на Академик од Варна во бугарското првенство имаше просек од 23 поени и 19 скокови по натпревар. Но, во дресот на Феникс Санс кој го избра како 148-ми пик во 7-та рунда од драфтот, настапуваше во просек по 16 минути со учинок од 5 поени и 3 скокови по натпревар и под 40% прецизен шут од поле. Неговата потпросечна игра не принуди ниту еден НБА тим посериозно да размислува за европските таленти. Напротив, само го потврди традиционалното уверување дека барање играчи надвор од САД е чисто губење време и пари.
Сеизмичката промена во оваа смисла се случи благодарение на геополитичка катастрофа. Распадот на Југославија и генерално на источниот блок на почетокот на 1990-тите, растури еден од најдобрите национални тимови што светот некогаш ги видел и селекција на кошаркарски таленти без пандан во светот. Од урнатините на поранешната Југославија и од распадот на Советскиот Сојуз се појави една плеада кошаркари кои како бран влегоа во НБА и фундаментално го променија односот кон европските кошаркари. Дражен Петровиќ, Тони Кукоч, Владе Дивац, Дино Раџа, а подоцна и Арвидас Сабонис, Шарунас Марчуљонис… Нивната игра и страст кон кошарката дефинитивно го сврте погледот на скаутите надвор од САД и ја отвори НБА вратата за кошаркарските таленти не само од Европа, туку и од целиот свет.

Ако легендарната екс-Ју четворка докажа дека Европејците можат да играат во НБА, Дирк Новицки покажа дека Европеец може да стане и заштитен знак на НБА. Избран како 9-ти пик на драфтот 1998-ма, помина 21 НБА сезона и остави печат за сите времиња. НБА првак со Далас и МВП на Финалето 2011-та, шести најдобар стрелец во историјата на НБА со 31.560 поени, НБА МВП 2007-ма, 14-кратен Ол стар, член на куќата на славните, 12 пати во една од најдобрите НБА петорки, од кои 4 пати на првата… Успехот на Новицки создаде образец што скаутите на НБА сè уште до ден денешен го следат, бараат висок Европеец со бековски вештини, развиени надвор од американскиот колеџ систем, со неортодоксна игра што ги превладува традиционалните американски дефанзивни шеми. По овој образец беа скаутирани и доведени во НБА Андреа Барњани, Кристапс Порзигис, па и Виктор Вембањама. Секој од овие му должи нешто на Новицки и на неговите претходници.
Јанис Адетокумбо претставува вистинска уметност на скаутирањето. Во 2013-та год. Милвоки Бакс го испратија помошниот тренер Џим Тод во Грција за да процени едно слабо 18-годишно момче што игра во втората лига за Филатлитикос, непознат клуб од атинското предградие Зографу. Тренерот на Милвоки виде едно слабо и тенко младо грче со нигериско потекло, високо 190 цм, со раце како весла и игра крајно нерафинирана, со многу грешки во чекори, несмасни фаули и со потпросечен учинок од 9,5 поени и 5,0 скока остварени во слаба второлигашка конкуренција. Но, надвор од таа слика, менаџерскиот тим на Бакси виде и физички алатки кои се дар од Бога, работна етика изградена од детство поминато со продавање часовници и очила за сонце по улиците на Атина и натпреварувачки дух што доминираше во однос на секој противник. Милвоки реши да го избере како 15-ти на НБА драфтот 2013 година што на времето беше оценето како крајно ризично коцкање, но денеска се цени како генијален потег. Во 13 НБА сезони Адетокумбо два пати беше програсен за најкорисен играч на лигата, еднаш најдобар одбранбен играч на годината, еднаш НБА првак и МВП на финалето во кое на Милвоки Му ја донесе првата титула по цели 50 години.
Ако Адетокумбо претставува триумф на инстинктот над статистиката, Никола Јокиќ претставува триумф на трпеливата анализа и евалуација над естетиката. Кога Денвер Нагетс го бираа како 41-ви пик на НБА драфтот 2014 година, Јокиќ не само што не беше на лице место во Барклис Центарот во Бруклин, туку воопшто и не гледаше телевизија. Спиеше дома во Сомбор и ќе го преспиеше целиот тек на драфтот ако не го разбудеше брат му Немања да му ја каже веста. Златната жица што ја најде Денвер Нагетс со Јокиќ беше производ на една систематска и трпелива евалуација. Тимот на скаути и тренери на Денвер, предводен од генералниот менаџер Тим Конели и европската легенда Артурас Карнишовас, првпат го виде Јокиќ на „Најк хупс“ турнирот 2014 година во Портланд. Додека повеќето во него гледаа висок, дебеличок и бавен играч и беа обесхрабрени од недостатокот на атлетизам, Конели и Карнишовас видоа одличен шутер кој води топка како бек. Додека другите бараа нов По Гасол, Денвер виде нов вид на играч, плеј-центар. Десет дена пред драфтот, агентот на Јокиќ, Мишко Ражњаровиќ објави дека го повлекува својот клиент од драфтот. Денвер интервенираше со гаранција дека ќе го изберат како 41-ви пик доколку остане. И се по тој драфт е историја: три МВП трофеи во четири години, а комотно можеа да бидат уште два, МВП на финалето 2023 година, 5 пати во најдобрата НБА петорка, 8 Ол Стар настапи и стил на игра што фундаментално го преобликува начинот на кој се игра кошарката на секое ниво низ целиот свет.
Таа доминација на кошаркари родени и тренирани надвор од САД, сега веќе очигледна и јасна за сите, продолжува и понатаму со игрите и засега само индивидуалните успеси на Лука Дончиќ и Виктор Вембањама. А во догледно време и со уште еден нов Никола – Кустурица!

Инвестицијата на НБА во меѓународна идентификација на таленти се протега многу подалеку од индивидуалните скаути на тимовите. Од 2001 година, лигата го води проектот „Кошарка без граници“ (Basketball Without Borders), како серија развојни кампови што се одржуваат во Африка, Европа, Америка и Азиско-пацифичкиот регион. Овој проект во моментов е веројатно најважниот механизам за идентификација на таленти надвор од САД. Повеќе од 60 поранешни учесници на овие кампови играа и студираа на американските колеџи како канал што ја храни и НБА со изградени, готови играчи. Со еволуцијата на технологијата за скаутирање од некогашните VHS касети што летаа преку Атлантикот, до современите линкови од лиги низ целиот свет преку услуги како Synergy Sports Technology, скаутирањето помина долг пат, но со брзина на светлоста. Сега проблемите не се состојат од премалку, туку од премногу информации. А сепак, и покрај целиот технолошки напредок, главната проценка повторно останува на човечкиот фактор. Откривањето на Јокиќ од страна на Денвер не зависеше од алгоритмите, туку од подготвеноста на Конели и Карнишовас да им веруваат на своите очи и искуство наместо на податоците и коментарите за атлетизмот на Никола. Изборот на Адетокумбо од страна на Џим Тод не се базираше на статистиката од втората грчка лига, туку од способноста да ги препознае неговите трансцендентни физички квалитети. Проценката на Марк Кјубан да трејдува за Дончиќ се потпираше на неговиот инстинкт дека во клубот ќе донесе роден шампион. За разликата од порано, скаутинг процесот сега овозможува конечната одлука на клубовите да се потпира на една развиена глобална НБА машина која нуди крајно прецизни информации за секој светски кошаркарски талент и која на менаџерите им дава една цела нова димензија при одлучувањето во моментот, но и реална проекција за наредниот период. За скаутите и менаџерите од 80-тите, времето кога Георги Глучков прв пат се појави на теренот на Феникс Санс и кога информациите за играчите се пренесуваа со телефакс и ВХС касети, овој сегашен софистициран скаутинг систем преставува чиста научна фантастика.
Љубомир Николовски










