Меѓу 22 и 28 јуни, во врвот на топлотниот бран во неколку земји, националните институти на седум држави – Германија, Франција, Белгија, Шпанија, Холандија, Швајцарија и Луксембург, забележаа околу 10.000 дополнителни смртни случаи.
На овие бројки треба да се додадат 2.200 смртни случаи поврзани со топлотниот бран во Англија и Велс, според проценките објавени од Британската метеоролошка служба за поширокиот период од 18 до 28 јуни.
Овој број сè уште е делумен. Прелиминарните податоци од европската платформа за следење на смртноста ЕуроМОМО, исто така, покажуваат значително зголемување во текот на последната недела од јуни, со 14.260 дополнителни смртни случаи. Статистичкиот модел се базира на официјални извештаи од 24 земји со вкупно население од речиси 400 милиони.
„Летото не е завршено“, предупреди регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Анри Клуге. „Имаме алатки да ги спречиме овие смртни случаи“.
Според него, во моментов „премногу влади сè уште ги сметаат топлотните бранови за временски настан, а не за здравствена криза“.
„Колку што знаеме, нема други причини за оваа прекумерна смртност освен топлината, и тоа е прилично драматично”, изјави за Франс прес Ласе Вестергард, епидемиолог во данскиот истражувачки центар Статенс Серум Институт и координатор на ЕуроМОМО.
Сепак, тој повикува на претпазливост при толкувањето на најновите податоци, кои се сè уште привремени. Според организацијата, потребни се четири недели за проценките да станат доволно стабилни.
Климатолозите од организацијата „Светско временско проценување“ заклучија дека јунскиот топлотен бран би бил практично невозможен без климатските промени.
Неколку земји од Централна и Источна Европа, кои исто така беа погодени од јунскиот топлотен бран, сè уште не објавиле податоци, вклучувајќи ги Словачка и Унгарија.





