„Црвено-жолтите“ ќе играат во групата Ф против Австрија и Кипар, а само првопласираната селекција ќе обезбеди место во квалификациите за Европското првенство. Стојановски истакна дека најважно е репрезентацијата да биде комплетна и сите играчи да му бидат на располагање на селекторот.
„Би рекол дека, пред сè, најважно е да бидеме сите здрави, а уште поважно е да бидеме комплетни. Селекторот да ги има на располагање сите играчи, бидејќи има неколку кошаркари кои не беа дел од овој прв претквалификациски циклус, во кој остваривме максимален резултат.
Факт е дека имаме нешто полесни противници во втората рунда, но тоа е само на хартија. Во кошарката одамна нема лесни натпревари и фаворити однапред. Пред нас се нови четири средби, а ние мора да одиме чекор по чекор.
За разлика од овој циклус, во августовскиот ќе имаме помалку денови за подготовки. Но, доколку сме сите на број и го достигнеме вистинското ниво, верувам дека ќе имаме уште поголеми шанси да ја оствариме главната цел – пласман во квалификациите за следното Европско првенство“, изјави Стојановски.
Македонија ќе го отвори вториот претквалификациски циклус на 30 август, кога ќе ја започне битката со Австрија и Кипар за првото место во групата Ф и пласман во квалификациите за ФИБА Евробаскет 2029.





