Ова денеска го изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, прашан како течат разговорите со Европската Унија околу статусот на превозниците.
„Прво, ние не сме дел од ниту една група на земји од регионот и нема да бидеме. Ова прашање го водиме самостојно од причина што тоа од одредени други земји е злоупотребено, дел за естрада дел за политички поени таму, и сè што кажаа од овие држави досега не се реализираше. Тоа може само да нè донесе до забуни и да нанесе сериозна штета на домашното стопанство“, изјави ресорниот
Тој посочи дека Македонија се одлучила разговорите да ги води билатерално и оти така и ќе продолжи, а во меѓувреме веќе е постигнат договор со неколку земји од ЕУ, додека во финална фаза се разговорите и договорите со уште неколку. Како што кажа Николоски, договори се постигнати со Хрватска, Швајцарија и Романија, а во завршна фаза се решенијата од разговорите со Словенија, Австрија и Германија. Овие договори, додаде тој, на извесен начин го решаваат целиот проблем на македонските професионални возачи на камиони.
„Знаете дека имавме активности кои беа јавни, но имаме и активности коишто се на дневно ниво и така ќе продолжиме. Веќе се договоривме со Швајцарија, се договоривме со Хрватска, во финална фаза сме на договор со Словенија, се договоривме со Романија, во финална фаза сме на договор со Австрија и со Германија, што на некој начин го решава целокупниот проблем на македонските транспортери“, рече Николоски.
Проблемот, рече тој, се решава со издавање долгорочни работни визи на транспортерите, кои веќе се издаваат од државите со кои имаме договор.
Николоски посочи дека транзитот и престојот на превозниците веќе функционира нормално со Грција и Бугарија, кои, како што кажа, се водат како прекугранични зони, и таму воопшто не се бројат деновите за престој на транспортерите.
Во однос на другите држави од регионот на Западен Балкан и нивниот однос кон проблемот, Николоски упати апел до македонските транспортери, за кои рече оти и самите се свесни и јасно им сè што се случува во соседството, да не потпаѓаат под туѓи пропаганди и да остават ние да си ја гледаме нашата работа.
Николсоки додаде оти е апсолутно задоволен од начинот на кој земјава се справува со проблемот и како работите се решаваат за нас.
„Што ќе прават другите, тоа е нивна работа и оставам на нив да ги кројат своите политики и своите стратегии“, додава вицепремиерот.
Тој посочи дека е особено револтиран од тоа што една од соседните држави која, исто така, е засегната од проблемот, изнесувала информации во јавноста од разговорите што земјите од Западен Балкан ги почнаа со Европската комисија на експертско ниво. Ваквото споделување информации за содржината од разговорите, според мнинистерот, придонела да се изгуби смислата на овој формат на решавање на проблемот, поради што земјава, повтори тој, решила да оди самостојно, преку билатерални разговори.
„Тие разговори се зад затворени врати затоа што се потребни најмалку три-четири циклуси за да се дојде до решение, но на магичен начин во една соседна држава имаше брифинзи од тие разговори, излегуваа во јавноста и се изгуби целата поента, што мислам дека е нешто што е недозволиво и затоа решивме ние да го водиме процесот сами, и еве го завршуваме“, кажа Николоски.
Македонските, како и професионалните возачи на камиони од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, од крајот на минатата година се соочија со проблем откако почна воведувањето на системот за влез и за излез од Европската Унија (ЕЕС), според кој превозниците од Западен Балкан се регистрираат како туристи и можат да останат во земјите од ЕУ најмногу 90 дена, во период од 180 дена.
Електронскиот систем за влез и за излез (ЕЕС) на ЕУ започна со постепена примена од 12 октомври 2025 година, а целосно беше имплементиран од април годинава.





