Според обвинителството, на главната расправа одржана на 27 мај годинава, вештите лица пред судот потврдиле дека нивниот наод се разликува од она што било наведено во обвинението. Според супервештачењето, износот на даночното затајување наведено во обвинението бил значително помал од првично утврдениот.
„На расправата која се одржа на 27.05.2026 година свој исказ пред судот дадоа и вештите лица, кои наспроти прашањата на обвинителот, потврдија дека фактичката состојба изнесена во обвинението е променета. Согласно вештачењето, износот на даночното затајување од значителен беше намален во поголем и согласно тоа не ги исполни елементите на кривичното дело од ставот 2, односно мораше да биде преквалификуван во ставот 1 од членот 279, даночно затајување“, велат од Јавното обвинителство.
Поради тоа, делото повеќе не ги исполнувало условите за потешката форма на кривичното дело даночно затајување туку морало да биде преквалификувано во поблагата форма.
Иако јавната обвинителка Марија Џабирова Велков изјавила дека останува на претходно изнесените воведни зборови, сепак на самото рочиште била принудена да го измени обвинението во согласност со наодите од супервештачењето.
„Иако предметниот јавен обвинител Марија Џабирова Велков во своето обраќање потенцираше дека останува на воведните говори изнесени на главна расправа во досегашниот тек на предметот, сепак мораше на самото рочиште да изврши преквалификација на обвинението токму поради наодот од супервештачењето, а со самото тоа настапи и апсолутна застареност од 15 март 2024 година“, потенцираат од Јавното обвинителство.
Ова значи дека предметот се затвора, а Павловиќ Латас и трите фирми повеќе не може кривично да се гонат.





