Со постројувањето, всушност беше утврдена реалната бројка на доброволни пожарникари кои се подготвени организирано да учествуваат во гаснењето на летните пожари на отворен простор, како дел од тимовите за брз одговор на Дирекцијата за заштита и спасување.
Пред доброволните пожарникари се обрати директорот на Дирекцијата за заштита и спасување и командант на Силите за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, кој ги претстави плановите и очекувањата за претстојната противпожарна сезона. Воедно беше претставена новата внатрешна структура и хиерархија, со цел поефикасна координација, командување и вклучување на доброволните пожарникари во системот за гаснење пожари.
По завршувањето на постројувањето се одржа работен состанок на отворено, на кој доброволните пожарникари разменија искуства, мислења и предлози за подобро функционирање на системот за заштита и спасување во текот на летната сезона.

„Излегувате на терен и помагате без за возврат да барате, или да очекувате било што. Но јас, како претставник на државата, како директор на ДЗС и како командант на Главниот штаб за заштита и спасување, а со тоа и ваш командант преку Тимовите за брз одговор на ДЗС, чувствувам обврска кон вас, да добиете праведен дневен надомест за денот кога сте ангажирани од нас“, им се обрати на доброволните пожарникари, директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
Тој порача и дека оваа сезона подготвеноста за справување со пожари, е како никогаш досега.
„Поради опасноста од пожарите Владата оваа година благовремено прогласи кризна состојба уште од 1 јули, со што на располагање ги имаме сите механизми на кризната состојба, како што е непречено учество во справувањето со пожарите на полицијата и на армијата, но и на сите останати национални ресурси. После долги години, за прв пат оваа година, уште од јуни, на располагање имаме три функционални ер-трактори со пилоти. Вчера и денес помагаат да се изгасне пожарот кај с. Бајково во општината Ново Село“, рече Ангелов, нагласувајќи дека како командант на силите за заштита и спасување, иднината на гаснењето на летните пожари на отворен простор ја гледа во развојот на доброволното пожарникарство.





