четврток, 16 јули 2026

УНЕСКО до крајот на месецов ќе одлучи дали Охрид ќе биде на листата на светско наследство во опасност

Центарот за светско наследство на УНЕСКО предлага Охрид и неговото културно наследство да биде ставен на листата на светско наследство во опасност. Тие сметаат дека заканите за исклучителната универзална вредност на Охридскиот Регион сè уште не се отстранети. Конечната одлука за овој предлог ќе биде донесена на сесијата на Комитетот за светско наследство која ќе се одржи од 19 до 29 јули во Бусан, Јужна Кореја. Комитетот може да ја усвои одлуката, да направи измени или повторно да го одложи гласањето.

Објавено на

часот

Сподели

Експертите на УНЕСКО оценуваат дека исполнувањето на препораките останува ограничен, а регионот и понатаму е изложен на сериозни ризици поради слабостите во управувањето, урбанизацијата, дивоградбите, загадувањето и доцнењето на клучните инфраструктурни проекти.

Од организацијата бараат управувањето со Охридскиот Регион да биде вистински заедничко и прекугранично, бидејќи подрачјето го делат и Македонија и Албанија. Во извештајот се нагласува отсуството на целосна стратегиска оцена на животната средина, која треба да ги покаже кумулативните последици од сите инфраструктурни, туристички и урбанистички проекти.

Проблем се и големите инфраструктурни зафати, меѓу кои и проектите поврзани со Коридорот 8, за кои треба да се утврди дали можат директно или индиректно да влијаат врз заштитеното подрачје. Дивоградбите остануваат еден од најголемите проблеми со кои се соочува Охридскиот Регион. Не е јасно дали во поселниот извештаен период, се вели во извештајот, е отстранет кој било бесправно изграден објект и се бара детална анализа на сите нелегални градби и проценка на нивното влијание врз наследството. Еден од примерите кои се набројува е и хотелот во Лагадин. Се бара запирање на нови урбанистички измени додека не заврши целосната стратегиска процена, како и забрзување на подготовката на генералните урбанистички планови за Охрид и Струга.

УНЕСКО бара градежните активности на комплексот Горица 3 да бидат запрени додека не се направат потребните анализи за влијанието врз заштитеното подрачје. Сериозен проблем остануваат и отпадните води и управувањето со отпадот. Проектите за санација и проширување на колекторскиот систем доцнат, а проблемите со отпадните води во Струга сè уште не се целосно решени.

Македонија и Албанија мора итно да ги забрзаат проектите за собирање и пречистување на отпадните води, како и воспоставување соодветна регионална инфраструктура за управување со отпад, се вели во последниот извештај на УНЕСКО.

Прогласувањето на Охридското Езеро за споменик на природата и на Студенчишкото Блато за парк на природата е во постапка уште од 2021 година, но сè уште нема јасни рокови за завршување.

Впишувањето на оваа листата на светско наследство во опасност не значи автоматско губење на статусот на УНЕСКО. Тоа е механизам преку кој организацијата официјално признава дека одредено подрачје е изложено на сериозни и конкретни закани. Потоа се утврдуваат корективни мерки, рокови и услови што треба да бидат исполнети за регионот повторно да биде отстранет од листата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ