среда, 15 јули 2026

Рекорден број саботажи на германските железници

Кражби, подметнување пожари на релеи и кабли, како и вандализам, сè почесто се случуваат на германските железнички пруги. Саботерите оваа година ја напаѓаа инфраструктурата на Дојче Бан (ДБ) почесто од кога било досега, а според весникот Билд, кој се повикува на интерен извештај на компанијата, од јануари до јуни 2026 година регистрирани се 2.200 случаи на саботажи, подметнати пожари и кражби. Тоа е зголемување од седум проценти во споредба со истиот период лани, пишува Дојче веле.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Кривичните дела против железничката инфраструктура само во првата половина од годинава предизвикале доцнења на возовите во вкупно траење од повеќе од 220.000 минути. Освен патничкиот сообраќај, сè почесто се погодени и главните линии за железничкиот товарен транспорт.

Последниот таков напад се случил ноќта кон вторникот во местото Ној Вулмсторф во Долна Саксонија. Таму изгорел разводен ормар клучен за системот за управување и безбедност на сообраќајот, поради што биле откажани околу 200 возења на линијата Хамбург–Куксхафен, а илјадници патници морале да користат алтернативен превоз.

Пред тоа, голем прекин во сообраќајот бил забележан во најнаселената германска покраина Северна Рајна-Вестфалија. Минатата недела на главната железничка линија меѓу Диселдорф и Келн повеќе кабли биле оштетени во пожар што избувнал во кабелските канали. Покрај тоа, избувнал и пожар на железничкиот насип, кој го изгаснале пожарникарите. Обвинителството и полицијата во Келн соопштија дека истражителите се сомневаат дека пожарот бил подметнат.

На левичарската интернет-платформа индимедиа.орг се појавило писмо во кое се презема одговорност за нападот. Тоа било објавено во име на групата „Командо енгри бирдс“, која и претходно била поврзувана со напади врз железничката инфраструктура.

Во писмото се наведува дека групата е одговорна „за саботажа на железничката пруга северно од Леверкузен“. Се тврди дека запаливи направи, со употреба на временски механизми и течност за потпалување скара, биле поставени во два кабелски канала на мостот над реката Вупер. Како мотив за нападот се наведува запирање на „масовното изумирање“ предизвикано од „технолошката ескалација“, поради што, според нив, „неопходно е да се отстрани индустриската технологија“. Според Германската новинска агенција (дпа), безбедносните служби сметаат дека писмото е автентично.

„Ваквите постапки не се протест, туку целна саботажа“, изјави министерот за внатрешни работи на Северна Рајна-Вестфалија, Херберт Ројл (ЦДУ), коментирајќи го подметнатиот пожар. Тој нагласи дека ваквите напади го нарушуваат секојдневниот живот на голем број луѓе и дека сторителите свесно сметаат на колатерална штета.

„Лицата што предизвикуваат хаос тврдат дека сакаат да создадат подобар свет за растенијата, животните и луѓето, а подметнуваат пожари токму сега, кога насекаде владее суша. Самото тоа покажува дека не сакаат подобар свет, туку хаос. Нивната цел е со насилство да ја заменат политиката. Тоа нема да го дозволиме“, рече Ројл.

По пожарот полицијата бара сведоци. Портпарол на полицијата во Келн изјави дека за време на санацијата, околу 200 метри од местото на првиот пожар, била пронајдена уште една запалива направа. Одделот за државна безбедност на полицијата во Келн истражува и дали постои поврзаност со други кривични дела.

Левичарско-екстремистичката група „Командо енгри бирдс“ пред околу една година презеде одговорност и за нападот на главната железничка линија меѓу Диселдорф и Дуизбург. И тогаш, во јули 2025 година, биле активирани запаливи направи, поради што важната железничка линија била затворена неколку дена. На почетокот на јануари годинава групата презеде одговорност и за обид за напад врз трафостаница во Еркрат, во близина на Диселдорф.

Министерот Ројл предупредуваше на оваа група уште пред една година.

„Оваа група во последните години повеќепати изврши саботажи на подрачјето на Диселдорф“, изјави тој на почетокот на август 2025 година.

На групата ѝ се припишуваат и напади врз телекомуникациски столбови, како и подметнување пожар во тунел на автопатот А46. Истрагите се обемни, но и сложени, бидејќи не станува збор за цврсто организирана група.

Железничката линија меѓу Диселдорф и Келн, која беше целосно затворена за сообраќај, во меѓувреме повторно е отворена, а од Дојче Бан соопштија дека сообраќајот се одвива без ограничувања.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ