среда, 15 јули 2026

Бранителот на Љупчо Палевски најавува и меѓународна разврска за пресудата на македонскиот суд за двојното убиство

Одлуката на Апелацискиот суд е правно контрадикторна и отвора сериозни дилеми во однос на доследната примена на законот, изјави Јовица Страшевски, бранителот на Љупчо Палевски осуден за двојно убиство, на 14 годишното девојче Вања Ѓорчевска и на велешанецот Панче Жежовски.

Објавено на

часот

Сподели

Апелацискиот суд Скопје денеска ги потврди доживотните казни затвор за Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боро Видевски и Влатко Кешишев во предметот за убиството на Вања и Панче, а го укина ослободителниот дел од пресудата за Александар Ѓорчевски, таткото на Вања, кој ќе биде повторно суден.

Недозволиво е во една единствена кривична постапка, која се однесува на ист кривично-правен настан, ист обвинителен акт и ист доказен материјал, за еден обвинет пресудата да биде укината поради утврдени недостатоци, а за останатите да биде потврдена како правилна и законита, вели адвокатот Страшевски.

„Доколку постојат суштински повреди или погрешно утврдена фактичка состојба што наложуваат повторно судење за еден обвинет, тогаш се поставува прашањето како истите докази и истата фактичка состојба истовремено можат да бидат доволна основа за правосилна осуда на останатите обвинети. Таквиот пристап е правно тешко одржлив и создава сериозен ризик од различно вреднување на идентичен доказен материјал. Одбраната ќе ги искористи сите расположливи домашни и меѓународни правни средства за заштита на правата на обвинетиот и за обезбедување на правично судење во согласност со Уставот и Европската конвенција за човекови права. Сметав дека конечно ќе имавме одлука без медиумски притисок, но за жал, наметнатиот медиумски притисок и предвремената осуда продолжуваат да бидат одлучувачки фактор наспроти доказите во многу случаеви, па и во овој. Останува да ја чекаме пресудата и да ги видиме образложението и наводите во неа“, вели во писмената изјава Страшевски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ