четврток, 16 јули 2026

Ленче Ристоска за „Талир 2“: Затоа и ме тргнаа, нема конфискација на имот

Ослободителната пресуда за експретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, е од второстепено значење. Делото и така ќе му застареше следниот месец. Текот на настаните само ми го потврди уверувањето дека предметот ми беше одземен за да се избегне конфискацијата. Очекувам дека обвинителството ќе поднесе жалба, се вели во реакцијата на поранешната обвинителка на Специјалното јавно обвинителство која го водеше случајот Талир 2.

Објавено на

часот

Сподели

„Изменетото обвинение содржеше и дејствие на извршување коешто не постоеше во првичната верзија — обврската на Груевски, како претседател на партијата, да ги врати примените средства од ‘Бетон’ во Буџетот и да ја надомести разликата од вредноста на објектот наспроти реалната вредност на земјиштето, токму поради несразмерот што судот веќе еднаш го утврди во претходната пресуда. Ова дејствие директно одговара на измените на Кривичниот законик бидејќи се однесува на неизвршување обврска пропишана во Законот за финансирање на политичките партии, а овој облик не беше засегнат од декриминализацијата и одговорноста по членот 353 опстојува, особено ако се имаат предвид доказите дека имотот и користа завршила кај политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.

Притоа, судот експлицитно наведува дека доказите останале исти како во првата постапка, дека својата анализа и оцена на тие докази ги задржал непроменети и дека останал ‘конзистентен во одлучувањето’. Но, од истиот тој доказен материјал, со иста оцена, судот еднаш изведе осудителна пресуда, а сега ослободителна. Ако ниту доказите ниту нивната оцена не се променети, останува прашањето како истата доказна основа води до два спротивни исхода – објаснувањето дека сето тоа е последица само на измените на КЗ не ја отстранува оваа противречност бидејќи измената на законскиот опис не менува што докажуваат доказите. Ова особено за делот од обвинението кој се однесува на законската обврска на Груевски по Законот за финансирање политички партии, кој во образложението што судот јавно го објави воопшто не е спомнат“, пишува Ристоска.

Поранешната обвинителка реагира и на објаснувањето на судот дека во изменетото обвинение е вметната „намерата“ како субјективен елемент во извршувањето на делото.

„Во првата постапка, врз истиот доказен материјал, судот донесе осудителна пресуда за умислено дело – што подразбира дека доказите за целта и намерата со која обвинетите делувале беа дел од предметот и водеа до осуда. Токму затоа тешко се одржува сегашната констатација дека немало докази за намерата: истиот доказен материјал веќе ја адресираше целта заради која обвинетите ги презеле дејствијата, односно намерата со која дејствувале и за неа стана збор уште во првичното обвинение“, се вели во реакцијата на Ристоска.

Според неа, предметот застарува во август годинава, а тоа значи дека и во случај на жалба, Апелацискиот суд нема да има доволно време да одлучи мериторно. Конфискацијата на имотот, додава, е можна и кога кривичното гонење ќе застари. Но, не е можна по правосилна ослободителна пресуда.

„Затоа ваквиот тек на настаните му ја отежнува можноста на обвинителството да бара конфискација во посебна постапка, при првостепена ослободителна пресуда, и клучно е прашањето дали ќе следи жалба од обвинителството и дали во фаза на жалбена постапка ќе се бара од Апелациониот суд да се произнесе по однос на конфискацијата, иако кривичното дело ќе биде застарено“, вели Ристоска.

„Осудата на Груевски во овој случај е од секундарен интерес за ВМРО-ДПМНЕ — кривичниот прогон така или онака ќе застареше. Она што е суштинско е дека имотот што го стекна партијата е директна последица на дејствијата на Груевски утврдени во постапката. Токму поради тоа, исходот на кривичниот дел и судбината на имотот не можат да се гледаат одвоено: со ослободителна пресуда отпаѓа и основата за конфискација во кривичната постапка. Наративот дека пресудата во едниот дел е праведна, а во другиот само последица на измените на КЗ, ги раздвојува двете работи што правно се неразделни“, пишува Ристоска.

Ленче Ристоска поднесе оставка откако ѝ беше одземен токму овој предмет, по изборот на актуелниот државен јавен обвинител Ненад Савески.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ